• Radio Bravo

  • Bravo Smooth Jazz

КУЛТУРЕН ИНФОРМАТОР – “Скулптури на новото време 2019“ во Куманово

На 26.07.2019 / петок /  со почеток во 20 часот во Изложбениот салон на НУ Центар за култура “Трајко Прокопиев“ – Куманово ќе биде отворена биеналната изложба на скулптура “Скулптури на новото време 2019“. На изложбата учествуваат 22 автори ( Владимир Величковски, Симеон Арнаудов, Јордан Јанев, Предраг Јаневски, Јадранка Урдаревска, Виктор Лазароски, Соња Поповска – Трајковска, Емил Солески, Никола Смилков, Александар Наумоски, Илко Стојановски, Горан Ѓорев, Андреј Митевски, Ангел Коруновски, Влатко Зафирковски – Свире, Перо Кованцалиев, Марјан Стојаноски, Маја Танева, Александар Јанев, Методи Исков, Филип Перески, Давид Атанасоски )  од Македонија, а ќе бидат претставени 26 скулптури работени во повеќе различни материјали како и во повеќе скулпторски техники.

Биеналната изложба на скулптури “Скулптури на новото време 2019“ во своето јубилејно десетто издание ја сублимира севкупната идеја на оваа изложба –  хетерогеноста и богатството на современиот скулпторски израз во којшто сè е дозволено: во поглед на употребата на материјали со коишто се изработуваат скулптурите но и во однос на пристапот кој варира од класичното разбирање на улогата на скулптурата во просторот до концептуалниот приод со употреба на ready-made материјали, па дури и некои обиди за комбинација на технологијата во служба на изработка на кинетичка скулптура. Ако кон ова се додаде и возраста на авторите којашто варира од најстарите до најмладите генерации и соочувањето на повеќе академски скулпторски школи на едно место, добиваме една збирка на дела вредна за почит и внимание, многу ретка на овие македонски изложбени простори. Се надеваме дека овие констатации ќе бидат препознаени и од пошироката публика и ликовна стручна јавност, ако не повеќе барем како едно сведоштво за моменталната состојба на македонската скулпторска сцена. Впрочем, тоа е и носечката идеја на овој проект – континуирано следење на новата продукција и нејзино презентирање пред пошироката јавност.

 

© Radio Bravo - Kumanovo