• Radio Bravo

  • Bravo Smooth Jazz

Прес конференција на ФФМ

Денешните Спортски Вести на Радио Браво (12:40; 14:10; 16:40 и 19:10 часот) во целост ќе бидат посветени на завршните подготовки на Фудбалската Федерација на Македонија за организирање на УЕФА Суперкупот 2017 година кој ќе се одржи во Скопје, на арената Филип Втори на 8-ми август, а во него силите ќе ги одмерат победниците на Лигата на шампионите и Лигата на Европа.


Главниот организатор на овој, досега најголем спортски настан што е одржан воопшто во Македонија е Фудбалската Федерација, а по тој повод, нејзиниот претседател Илчо Ѓорѓиоски истакна дека ова е голема укажана доверба која мора да се оправда.

– Како што знаете сите, на 8. Август, Скопје и Националната арена ќе бидат домаќини на големиот фудбалски настан – Супер Купот на УЕФА, натпревар во кој ќе се соочат најдобрите две екипи во Европа, победникот од Лигата на Шампионите и Европската лига. Како Фудбалска федерација на Македонија ние сме горди што ја заслуживме шансата да го организираме досега најголемиот спортски настан во нашата историја. Благодарност до УЕФА за укажаната доверба. На овој начин ни се отвора вратата за организирање на настани од ваков профил и во иднина. Мене, а и на сите во Македонија ни е чест и задоволство што еден од најголемите наши фудбалски амбасадори на сите времиња ќе биде заштитно лице на УЕФА Супер Купот. Официјално го претставувам Горан Пандев за амбасадор на Супер Купот – Скопје 2017.

Фудбалската Федерација на Македонија го промовира капитенот на нашата селекција, Горан Пандев во амбасадор на Суперкупот. Искусниот голгетер истакна голема благодарност за укажаната доверба и улогата која му припаднала токму него.
– Благодарност за укажаната доверба. Ќе ми биде голема чест како Македонец да бидам амбасадор на УЕФА Суперкупот 2017. Знаеме дека ќе играат двата тима победници од Лигата на шампооните и Лигата на европа и ќе биде големо уживање да ги гледаме во Скопје.

Цветко Грозданов, директор на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор ја запозна јавноста за техничките подготовки на арената Филип Втори со цел да ги исполни најстрогите критериуми на УЕФА за организирање на еден ваков фудбалски спектакл.

Секретарот на градот Скопје, Марјан Тодоровски истакна дека главниот град на Македонија ќе биде одличен домаќин на фудбалските фанови од цела Европа.

© Radio Bravo - Kumanovo