• Bravo 88.5 FM

  • Bravo-Blues&Jazz

Честит празник, за многу години!

Илинден или ден на Св. Илија — голем македонски национален и православен празник, кој се одбележува на 2 август. Илинден има посебно значење за историјата на македонскиот народ заради тоа што на 2 август започнало Илинденското востание во 1903 година, а во 1944 година е одржано Првото заседание на АСНОМ.

Илинденско востание

Илинденското востание е востание против Отоманската империја организирано од страна на ТМОРО и претставува еденод најголемите и најзначајните настани од македонската историја. По подготовките за востание против Отоманската империја, на 2 август 1903 година на православниот верски празник Св. Илија – Илинден започнало Востанието. Ова востание е познато како Илинденско, според денот на започнување. На почетокот на јануари 1903 година, Централниот комитет на ВМРО донел решение да се крене востание летото истата година, иако за тоа немало поволна внатрешна и надворешна ситуација во Македонија, особено што на решението се спротивставиле неколку угледни револуционери, меѓу кои најпознат бил Гоце Делчев. Сепак, востанието означувало нова фаза од развојот на македонското национално и ослободително движење. На 20 јули (по стар календар), од носно на 2 август 1903 година, на Илинден (по нов календар), почнало Илинденското востание во Македонија. Тоа најголем успех постигнало во Битолскиот револуционерен округ. Прво било ослободено Смилево, па Крушево – центарот на востанието. Потоа востанието постигнало поголем успех во Костурско и во Леринско. На 4 август 1903 година, 600 востаници го ослободиле градот Клисура и го држеле во свои раце сe до 17 август. На 17 август истата година, 700 востаници од Костурско и од Леринско го ослободиле гратчето Невеска. Покрај тоа, биле ослободени повеќе костурски, лерински и преспански села, каде што била воспоставена народна власт. Најжестоки борби се воделе кај селото Езерец меѓу 300 востаници и 2.000 османлиски аскер. Востаниците постигнале значителен успех и во Охридскиот револуционерен реон. Таму најжестоки востанички акции се воделе во Малесија, во Горна и во Долна Дебарца и на други места. Исто така, во Преспа имало жестоки борби со османлискиот аскер. Востаниците постигнале успех во Демирхисарско и во Кичевско, каде што биле ослободени повеќе села. До жестоки судири дошло во селата Прибилци, Карабуница и Извор, па дури се направил обид за ослободување и на градот Кичево.

АСНОМ

Точно 41 година по Илинденското востание, во манастирот Св. Прохор Пчински во близина на Куманово 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија), на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на ДФ Југославија. Заседанието го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена, со зборовите: „Денеска е Вториот Илинден, последен Илинден на неслободна Македонија, се ставаат темелите на македонската држава“. Избран е Президиум на АСНОМ, во состав: Методија Андонов Ченто (претседател), Панко Брашнаров и Емануел Чучков (потпретседатели) и Љупчо Арсов и Владимир Полежиноски (секретари). Заседанието усвоило неколку документи со државнотворно значење – Решение за конституирање на АСНОМ како врховен законодавен и извршен претставнички орган на демократска Македонија, Решение за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларација за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија. Од 28-ми до 30 декември во слободно Скопје е одржано Второто заседание на АСНОМ. Од 14-ти до 16 април 1945 година – Третото заседание на АСНОМ, кога е избрана Влада на Народна Република Македонија и се оформени органите на власт на новата македонска држава, создавана во текот на Народноослободителната војна.

извор: Википедија

© Radio Bravo - Kumanovo