• Radio Bravo

  • Bravo Smooth Jazz

Предупредување од ЈП Македонски Шуми


Согласно заклучоците од Осумдесет и деветтата седница на Владата на Република Македонија, одржана на 21.07.2015 година ja информираме јавноста дека:
1. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, за периодот од 22.07.2015 година до 5.08.2015 година воведе ограничување на движењето на сите лица во шумите во шумскиот појас, во термин од 7 часот наутро до 17 часот попладне (освен ако лицето нема добиено соодветна дозвола од ЈП „Македонски шуми” или Шумската полиција). Ова ограничување не важи за вработените во ЈП „Македонски шуми”, а во периодот од 17 часот попладне до 7 часот наутро дозволено е движење на сите лица во шумите и шумскиот појас.
По исклучок, ова ограничување не важи за организирана тура на туристи за туристичко разгледување на шумите во шумскиот појас и националните паркови во Република Македонија, која ќе биде во придружба на претставник од ЈП „Македонски шуми” или националните паркови.
2. Министерството за внатрешни работи, Граничната полиција и Шумската полиција ќe вршат 24 часовно патролирање и легитимирање во шумските предели во периодот од 22.07.2015 година до 5.08.2015 година, од 7 до 17 часот.
3. Укажано им е на единиците на локалната самоуправа при евентуалните пожари на нивна територија да ја стават на располагање целата расположлива персонална и материјална поддршка на ЈП „Македонски шуми” и на другите институции.
4. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе ја информира јавноста за забраната за палење на стрништата и друг земјоделски отпад, како превентивна мерка за заштита од појава на шумски пожари.
5. Задолжени се Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и ЈП „Македонски шуми” редовно да ги координираат активностите во насока на преземање на соодветни активности за спречување на појава на пожари на територијата на Република Македонија.

© Radio Bravo - Kumanovo