• Radio Bravo

  • Bravo Smooth Jazz

Како се прославува Новата година ширум светот (во живо)

Новата година е најстар од сите празници, а првпат е одбележан во древниот Вавилон, пред околу 4.000 години и од тогаш многу обичаи се промениле и луѓето ширум светот ја слават на различни начини.

Според антички автори, прославувањето на Новата година настанало од раѓањето на Сонцето и во текот на историјата, како што се менувале религиските системи се менувале и календарите и начините на сметање на времето, па и денот кога се дочекува Новата година.

Во античкиот Рим таа почнувала на мартовска календа на 1 март. Во Византија почетокот на годината бил на 1 септември. Први јануари (јануарски календар) во античко време бил ден кога во Рим конзулите стапувале на должност. Тогаш се приредувало општо славје со меѓусебни честитки и делење на подароци.

Христијаните со векови не ја одбележувале Новата година поради паганските традиции за кои биле против, па дури во 12 век постепено 1 јануари се прифатил како почеток на календарска година.

Разни култури и религиски системи имаат разни обичаи поврзани за дочекот на Нова година, сепак Грегоријанскиот календар денес од практични причини се користи речиси во целиот свет.

Прослава на Новата 2019-та година ширум светот LIVE


Какви се новогодишните обичаи?

Секоја земја има свои новогодишни обичаи: На пример Шпанците на полноќ јадат грозје и тоа по 12 зрнца грозје за да бидат среќни сите 12 месеци во годината. Грците јадат колач во кој се наоѓа паричка, која во Новата година носи среќа, првото парче леб за малиот Исус, второто за таткото во куќата, а третото за куќата, а ако паричката се најде во трета кришка, таа година рано ќе дојде пролетта, а семејството може да се надева на среќа цела година.

Дочекот на Новата година Јапонците го одбележуваат цел ден. Тие почнуваат во утринските часови кога со чистењето на куќата, процес познат како оусоуји, симболично ја чистат прашината од минатото и го подготвуваат домот за успешна нова година.

Завршен чин на прославата во Јапонија е слушање на ѕвонење на часовник кој ѕвони 108 пати со што се смета дека е истерана несреќата, незадоволството и себичноста.

Традицијата во новогодишната ноќ да се направи галама потекнува уште од средниот век, кога луѓето ѕвецкајќи оделе по улиците за да ги растераат духовите. Подоцна на ред дошле тапаните, црковните ѕвона и сите други инструменти.

Во Бразил, покрај неверојатните журки за дочекот на Новата година, кога познатата плажа Копакабана е полна со посетители, постојат и традиции кои ги имаат жителите на таа земја, со кои ја поздравуваат годината што доаѓа.

Во таа земја обичај е во новогодишната ноќ да се носи бела облека за среќа и мир во годината која доаѓа. По славењето во полноќ, со музика, огномет и вечера, Бразилците одат на плажа каде прескокнуваат седум бранови, фрлајќи цвеќе во океанот, додека некои палат свеќи во песокот што претставува древен ритуал кој треба да донесе среќа и богатство идната година.

Во некои градови во Колумбија, семејствата симболично го слават одењето на старата и доаѓањето на новата година, забавувајќи се со кукла. Голема машка кукла ја претставува старата година, а членовите на семејството ја обвиткуваат во разни материјали и на крај точно на полноќ ја палат.

Понекогаш во куклата ставаат петарди и обавезно стари работи кои на семејството повеќе не му се потребни. Тоа се предмети кои не потсетуваат на тажни спомени и нешто што сакаме да го заборавиме. Палењето на тие предмети симболично значи дека сите лоши работи се оставаат во старата година и се поздравува новата, посреќна година.

На Германците новогодишната ноќ им е незамислива без огномет, додека Британците се загрижени кој прв ќе им дојде на гости, бидејќи според стари верувања, тоа значи колку среќа ќе имаат во новата година. Ако на гости им дојде маж со подароци, тие се вистински среќници, но лошо е ако првиот гостин е женско лице.

На Нова година во Кина сите врати се украсени со нешто црвено, бидејќи црвената боја е симбол на среќа и веселба. Иако сите семејства се подготвува славење за новогодишната ноќ, од домовите се отстрануваат ножевите на 24 часа, некој да не се повреди бидејќи таа незгода значи дека лицето ја спречило семејната среќа во претстојната година. Со оглед дека доаѓањето на Новата година се користи и за посета на далечни роднини, голем број на луѓе одат на патувања, што доведува до гужва во сообраќајот во земја која има 1,3 милијарди луѓе.

Неколку дена пред доаѓањето на Новата година, секое семејство забрзано и детално го чисти домот, за да ја исфрли несреќата, Вратата и прозорците се декорираат со украси од хартија со теми на среќа, богатство, долговечност и среќен брак со многу деца.


Порано Кинезите на тој ден принесувале дарови на боговите, а ноќта во која се прославува доаѓањето на Новата година се поминува во кругот на семејството.

© Radio Bravo - Kumanovo