• Radio Bravo

  • Bravo Smooth Jazz

Спортски вести: Македонија денес ги започнува квалификациите за Русија

Стадионот „Лоро Боричи“ во Скадар вечерва од 20:45 часот ќе биде почетна станица за фудбалската репрезентација на Македонија во квалификациите за Светското првенство во Русија во 2018 година. Противник е селекцијата на Албанија, учесник на последното Европско првенство во Франција.

Во циклусот се влегува со цел пред се за подобрување на резултатскиот ефект од претходните два циклуса, за подобрување на конечниот пласман, за подобрување на националниот рејтинг и за враќање на довербата во националниот тим. Кон реализација на низата цели се пристапува со капитенот Горан Пандев, чие присуство ќе биде од големо значење. Мечот го пропуштаат повредените Агим Ибраими и Александар Трајковски како и неколкумина првотимци од младата селекција поради обврски во финишот од квалификациите за пласман на ЕП 2017 година. Македонија има четири победи, три реми и пораз во досегашните осум пресметки со Албанија. Иако сите беа пријателски, сепак, фудбалските пресметки меѓу двете репрезентации донесоа непотребно многу набој и тензии во јавноста без разлика која од нив била домаќин. Вечерашната премиера во мундијалските квалификации,ќе биде шеста во македонското фудбалско поглавје по оние за Франција во 1998 година, за Јапонија и Јужна Кореја во 2002 година, за Германија во 2006 година, за Јужна Африка во 2010 година и за Бразил во 2014 година. Примарно во мислите на Ангеловски е теренот од аспект на перформансот на своите и, секако, стартниот тим на противникот. Признава дека има една-две дилеми за почетните 11 за што, пак, не сакаше да открива ниту имиња ниту позиции. Албанија одигра 0:0 против Мароко во генералната проба за Македонија и воопшто квалификацискиот циклус за СП 2018. Во најфудбалскиот град кај нашиот западен сосед владее голема заинтересираност за овој дуел и билетите веќе се распродадени,а стадионот кој е комплетно реновиран и направен ќе биде исполнет до последното место. Во Скадар нашите фудбалери и комплетната експедиција се веќе трет ден и се поминува во најдобар ред. Нашата репрезентација одамна не знае за официјална победа на гостински терен, но постои некој скриен оптимизам дека токму вечерва таа лоша серија ќе биде прекината.

© Radio Bravo - Kumanovo