• Radio Bravo

  • Bravo Smooth Jazz

Започнува ракометната треска

Емитувано во Спортските Вести на Радио Браво во 12:20, 14:10, 16:40 и 19:10 часот.


Со четири натпревари во групите А и Б кои ќе се играат попладнево во Сплит и Пореч, ќе започне 13-тото Европското првенство за ракометари. Натпреварите од А групата се играат во Сплит, каде што во 18часот и 15 минути, првенството ќе го отворат Шведска и Исланд, а домаќинот деби настапот ќе го има во 20:30 часот против селекцијата на Србија. Б групата стартува со мечот Белорусија – Австрија, додека во вечерниот термин играат Франција и Норвешка. Да потсетам дека во групната фаза, репрезентациите се поделени во четири групи, од кои само најслабо пласираните нема да минат во главната фаза. Средбите од 1.коло во Ц и Д групите на програмата се утре.

Машката ракометна репрезентација на Македонија одлично го помина првиот ден во Загреб, каде в сабота против Словенија го стартува настапот на ЕП 2018. Од утринскиот лет, преку сместувањето во хотелот, па до првиот тренинг во “Домот на спортови”, засега се тече без проблеми за македонските репрезентативци, меќу кои еден од најискусните е и министерот за одбрана, Борко Ристовски.  Денешниот ден е резервиран за видео анализи и состаноци, како и првиот официјален тренинг во “Арена” каде играме в сабота. Македонија ќе одржи и уште еден тренинг, во сабота претпладне, кој ќе биде последен пред стартот на групата фаза на континенталниот собир.

А што се однесува до првиот противник на нашите ракометари, репрезентацијата на Словенија, тие во текот на подготвителниот период се соочуваа со големи проблеми околу повредените играчи, па на крајот Вујовиќ меѓу 16-те играчи на списокот мораше да ги вметне и рековалесцентите Ник Хенигман и Вид Кавтичник, кои најверојатно и покрај болките ќе мораат да смогнат сили да и помогнат на својата селекција. Од последниот избор на Вујовиќ, ги нема голманот Кастелич, како и бековите Цехте, Поточник и Лебан. Инаку, Словенците, кои на последното Светско првенство во (2017 година) го освоија бронзениот медал, натпреварот со Македонија  го играат утре, во загрепска „Арена“ со почеток од 19.30 часот.

И за крај на денешните спортски вести кои комплетно ги посветиме на можеби најважниот спортски настан во оваа година за македонските спортски фанови, да резимираме. Хрватска од денес до 28 јануари ќе биде домаќин на 13-то Европско првенство во ракомет. На континеталното првенство учествуваат 16 репрезентации, меѓу нив е и Македонија, а титулата ја брани Германија. Македонија на првенството е сместена во Ц-групата, а натпреварите ќе се играат во Загреб. Првиот меч македонските ракометари ќе го одиграат в сабота од 19:30 против Словенија, а потоа следуваат дуелите со Црна Гора (15 јануари, 20:30 часот) и Германија (17 јануари, 18:15 часот). Пласман во наредната фаза ќе изборат по три најдобри репрезентации од секоја група. Во наредната фаза ќе бидат формирани две нови групи, односно ќе вкрстат репрезентациите од А и Б, односно Ц и Д групите.

EHF EURO Live Show

© Radio Bravo - Kumanovo