• Radio Bravo

  • Bravo Smooth Jazz

Македонија на Европско

Спортски вести, емитувани во 12:20; 14:10; 16:40 и 19:10 часот на 12-ти октомври 2016-та година.

Македонската фудбалска репрезентација до 21 година со шест победи, три нерешени средби и само еден пораз во групата со Франција, Исланд, Украина, Шкотска и Северна Ирска го освои првото место и се пласира на Европското првенство кое следната година ќе се игра во Полска.

Селекторот Благоја Милевски по победата над Шкотска од (2:0) и обезбедениот пласман на Европското првенство, рече дека ова не е последниот збор на оваа генерација фудбалери.

-Овие играчи се повеќе од херои. Тие се феноменални. Не размислував што се случува вечерва едноставно посакував поради овие момчиња да ја совладаме Шкотска и да одиме понатаму. Овие момчиња го заслужија тоа. Зад себе оставија селекции како Франција, Исланд, Украина… И на Европското првенство ќе одиме на победа на секој натпревар. Нашата сила е сплотеноста, борбеноста, храброста. Се додека јас сум селектор тоа така ќе биде, изјави Милевски.

Капитенот на репрезентацијата на Македонија Бобан Николов го честиташе празникот после големиот триумф и се заблагодари на сите за оствареното во овие квалификации.
– Сакам да и се заблагодарам на целата македонска јавност, на сите луѓе што дојдоа и не бодреа, ова е нешто навистина неверојатно! Наша цел беше овој сон да не престане. Ќе дадеме максимум во Полска и нема да ги разочараме,- рече Бобан Николов, кој прв се обрати од страна на фудбалерите.

Младот фудбалер на Ујпешт Дожа, Енис Барди и покрај проблемите со повредата навреме успеа да заздрави и да одигра одличен натпревар кој не одведе на завршниот турнир во Полска.
– Никогаш не сум имал вакви емоции. Со оваа генерација на играчи и ваков селектор, имаме се што ни е потребно за успех и победи. Господ помага на оние што се борат со добра душа. Одиме во Полска, на ред е фудбалското првенства за кое се боревме. Сигурно дека продолжуваме понатаму и нема да се откажеме пред време, порача синоќа емотивниот Енис Барди.

Чуварот на мрежата на нашата репрезентација Игор Алексовски и и синоќа успеа да ја сочува мрежата на Македонија чиста како и во најголем дел од квалификациите.
– Благодарам на цела македонска јавност за поддршката во текот на целите квалификации и вечерва за сите оние кои беа на стадион и беа наш дванаесетти играч. Успеавме да направиме нешто што никој не веруваше освен ние самите себе. Господ гледа и не награди, ќе одиме во Полска да дадеме и таму максимум како и секој натпревар досега, па резултатот ќе го видиме на крај, изјави Алексовски.

Давид Бабунски како предводник на оваа генерација македонски фудбалери со солзи во очите го дочека крајот на натпреварот со Шкотска и пласманот на Европското првенство. Заборави на грижите, нереализираниот пенал и греењето на клупата во Црвена Звезда и ги покажа сите свои емоции.
– Нема ништо поубаво во животот да видиш како еден сон кој си го имал како мал стана реалност. Сакам да се заблагодарам на цела Македонија за се што направија за нас и воедно да апелирам – никогаш повеќе да не го слушам македонскиот човек со менталитет како размислува негативно. На ЕП ќе одиме да направиме што подобар резултат!, изјави Бабунски.

На Европското првенство во фудбал за репрезентации до 21 година кое ќе се одржи следната година во Полска, покрај Македонија ќе учествуваат и: Чешка, Данска, Англија, Германија, Италија, Португалија, Словачка и Шведска. Бараж ќе играат Шпанија, Србија, Австрија и Норвешка.

© Radio Bravo - Kumanovo