• Radio Bravo

  • Bravo Smooth Jazz

Успешен старт на Македонија на Светското првенство во Франција

Во денешните Спортски Вести на Радио Браво, покрај рапортот од Мец од Бошко Тасиќ, слушнете ги и Лино Червар, Кире Лазаров, Филип Миркуловски, Стојанче Стоилов, Дејан Манасков и Благојче Трајковски…

Македонската ракометна репрезентација ја продолжи убавата традиција да стартува со победи на Светските првенства. Во петиот настап на вакво големо натпреварување, „црвено-жолтите“ по четврти пат отворија со триумф. Тунис беше селекцијата против која синоќа се радувавме со 34:30, победа со која ракометарите си ги отворија вратите кон нокаут-фазата. За Македонија, средбата против Тунис беше вкупно 29 меч на СП, а стигна до среќната 13 победа. На претходните четири Мундијали имаме и 15 порази и само еден нерешен резултат. Во 2009 година, во Хрватска, најмногу се радувавме. „Црвено-жолитите“ имаа пет победи, но и шест порази во 11 средби. Пред две години во Катар завршивме со четири победи и само два порази, а во Шпанија во 2013 година имаа две победи и едно реми во шест натпревари. На дебитантскиот настап во Египет, во 1999 година, билансот беше една победа и четири порази. Следниот противник на Македонија е репрезентацијата на Ангола, а средбата се игра утре, со почеток од 20:45 часот.
Кире Лазаров е број еден по два натпреварувачки дена на Светското првенство во ракомет во Франција. Капитенот на репрезентацијата на Македонија е единствен играч со двоцифрен број погодоци во шесте меча на шампионатот со кои се комплетираше првото коло во групите А и Б. Ѕвездата на Барселона против Тунис стрелаше со 75 отсто успешност. Упати 16 удари, 12 од нив завршија на вистинско место. Стоотстотен беше при пробиви од шест метри (2/ od 2) и при изведување на пеналлите (4 od /4). Покрај головите Лазаров подели и седум асистенции и загуби три топки.
По првите два дена, односно половина од првото коло укажува на разликата во квалитет што е евидентна на страна на европските репрезентации во однос на останатите на турнирот. Франција го совлада Бразил, Словенија беше подобра од Ангола, Македонија од Тунис, а Русија од Јапонија во четири од шест меча во кои неевропските претставници покажаа малку. Јапонците на физички план ги помачија Русите во 45 минути од меѓусебниот дуел, но и покрај тоа на крајот мораа да се помират со убедлив пораз. На сите овие средби, европските репрезентации постигнаа вкупно 146 гола или во просек по 36,5.
Денеска на светското ракометно првенство се играат натпребарите од првото коло во групите Ц и Д. Белорусија – Чиле, Германија – Унгарија и Хрватска – Саудиска Арабија се мечеви од групата Ц кои се играат во три термини, 14, 17 и 45 и 20 и 45 часот, а во исто време, но во групата Д се среќаваат Катар – Египет, Шведска – Бахреин и Данска – Аргентина.

© Radio Bravo - Kumanovo