• Radio Bravo

  • Bravo Smooth Jazz

Започнува Европското првенство – U21

Oд денеска па се до 30 јуни во Полска ќе се одржува Европското првенство за фудбалери до 21 година, на кое за прв пат ќе настапи и репрезентацијата на Македонија.

Емитувано во Спортски Вести на 16-ти јуни 2017 година во 12:20; 14:10; 16:40 и 19:10 часот.


Ракометот е спортот број еден во Македонија, а фудбалот е најпопуларниот спорт во светот, па конечно македонската спортска јавност ќе следи и фудбалски мечеви на големо ниво, дуели што ќе го одземаат здивот, а срцата на сите ќе бидат сплотени. Младите фудбалери веќе направија огромен успех, но веруваме дека на крајот ќе бидеме сведоци на нова страница во спортската историја на Македонија. По ракометарите, кошаркарите и ватерполистите, сега Македонија доби учесник на едно големо натпреварување и во најважната споредна работа на светот – фудбалот.

Македонија е дебитант на ова ЕП и е во група со три исклучително силни противници, но оваа генерација македонски фудбалери во квалификациите и потоа, во тест-средбите, покажа дека знае да игра фудбал, дека има срце и дух, кои се големи, без разлика на големината на противниците. Тоа најдобро на своја кожа го почувствуваа скапите француски ѕвезди, кои им се поклонија на македонските фудбалери во двомечот во квалификациите, иако во Скопје беше 2-2, а во Франција 1-1, но во двата меча Македонија водеше и доминираше. Македонија на ЕП влегува со извонредна серија резултати, оти нема пораз на последните 12 меча, а на последните пет средби не прими ниту еден гол.

Младите македонски фудбалери својата фудбалска крштевка на европските првенства ќе ја имаат утревечер од 20.45 часот на стадионот „Госир“ во Гдинија, кога во првото коло во групата Б ќе играат против врсниците од Шпанија, инаку четирикратен шампион на ЕП во оваа генерација. Во второто коло противник на Македонија ѝ е Србија, во вторник од 18 часот, а во последното коло во групата Б в петок, од 20.45 часот, ќе игра против Португалија. Мечевите на Македонија на ова ЕП ќе бидат пренесувани на ТВ Нова.

Европското првенство за фудбалери до 21 година почнува вечерва, од 18 часот со мечот помеѓу актуелниот европски шампион Шведска и Англија, а по него, од 20.45 часот следува дуелот помеѓу Полска и Словачка и двата дуела во рамките на групата А. Ова ќе биде 21-во ЕП за фудбалери до 21 година, од 1978 година и прво на кое ќе настапат 12 селекции, по проширувањето, кое УЕФА го најави во 2014 година. До ова ЕП завршницата се играше со по осум репрезентации, а најмногу титули има Италија, вкупно пет. Шпанците се веднаш зад нив со четири титули, а по две имаат Англија, Холандија и поранешниот Советски сојуз. Со по една титула се СФРЈ, Германија, Франција, Чешка и бранителот на титулата од 2015 година Шведска. Репрезентациите се поделени во три групи со по четири селекции, а пласман во полуфиналето ќе обезбедат првопласираните три од сите групи и најдобрата од второпласираните.

© Radio Bravo - Kumanovo