• Radio Bravo

  • Bravo Smooth Jazz

Македонија со најдобра стартна позиција во главната фаза

Спортски Вести на Радио Браво во 12:20; 14:10; 16:40 и 19:10 часот.


Македонија одигра 25-25 против Германија во рамки на третото коло во Групата Ц на Европското првенство во Хрватска. Одигравме уште еден фантастичен натпревар, овој пат против европскиот првак, а имавме и добра шанса да победиме. Стојанче Стоилов на 15 секунди до крајот утна зицер, односно Силвио Хајневетер одлично одбрани. Германија во последниот напад не успеа постигне гол за победа. Борко Ристовски со 12 одбрани беше човек на натпреварот, додека Филип Талески со шест голови беше најпрецизен во таборот на Македонија. Селекторот на македонската ракометна репрезентација Раул Гонзалес очекувано беше пресреќен по ремито со Германија. Тој истакна дека е горд на неговите избраници и фактот што Македонија го освои првото место во својата група.

Ремито помеѓу Македонија и Германија привлече големо внимание, а за квалитетот на истиот говори и постот на ЕХФ на официјалниот „Твитер“-профил на Европското првенство. Од европската куќа на ракометот велат дека ова е можеби најдобриот натпревар одигран на континенталниот турнир.

Македонија ќе ја почне главната фаза како лидер во Групата 2, што ќе се игра во Вараждин. Нашиот тим пренесе три бода во следната рунда, додека Германија и Словенија од Групата Ц пренесуваат два, односно 1 бод. Од Групата Ц, сите три репрезентации кои ни се приклучуваат во главната фаза, Шпанија, Данска и Чешка пренесуваат по два бода.

Македонија ја очекуваат три дена пауза, а во првото коло од главната фаза во Групата 2 тргнуваме против Шпанија на 21 јануари во (недела). Следен наш противник е Чешка, во вторник на 23 јануари, додека во последниот натпревар од оваа рунда се среќаваме со селекцијата на Данска, веќе следниот ден, на 24 јануари. Првите два натпревари, нашите ракометари ќе ги играат во вечерниот термин, од 20:30 часот, додека средбата со Данска ќе започне во 18 часот и 15 минути.

 

EHF EURO Live Show

© Radio Bravo - Kumanovo