• Bravo 88.5 FM

  • Bravo-Blues&Jazz

11 години без Тоше

На денешен ден пред 11 години во магливо утро на автопатот Белград – Загреб кај Нова Градишка во тешка сообраќајна несреќа згасна животот на големата балканска музичка ѕвезда, Тоше Проески. Иако имаше само 26 години зад себе остави импресивно музичко наследство. Издаде седум студиски албуми и испеа голем број хитови кои и ден денес се вртат на радиостаниците во земјите од опкружувањето. Посебно место во неговиот музички опус имаше македонската изворна музика, која благодарение на неговите преработки силно се реафирмираше. Животот на Тоше заврши во годината кога одбележуваше десет години успешна кариера и кога таа почна да станува меѓународна. Но, албумот на англиски јазик што го подготовуваше беше постхумно промовиран  („The Hardest Thing“). Тоше беше голем хуманист и човекољубец, верник и почитувач на традицијата. За време на неговиот живот го започна обновувањето на манастирот Свето Преображение во неговото родно Крушево, над кое сега се издига 33 метарски крст, како исполнување на неговиот сон. Тоше остави длабока трага во срцата на луѓето и многумина го чувствуваа како свој најблизок. Обожавателите го прогласија за ангел, а неговото вечно почивалиште стана светилиште.

“Еден човек”
( песна од Академик Гане Тодоровски, посветена на Тоше )

Има еден има еден
Многу многу многу човек –
Белки цело човештво е!
Чунки живо божество е!

Има еден има човек
Од човека почовек е:
Прецедена човештина!
Препечена убавина!

Топлината на душата
Ти ја дава да се згрееш;
Бистрината на главата
Ти ја дава да успееш…

Тој со зборови те гледа,
Тој со очите ти збори –
Малкузборник — многусторник
Те облекува во грижи.

Го сретнеш ли, ти среќата
За цел живот ќе ја имаш,
Го видиш ли — видовит си,
Го снема ли — тешко тебе!

Има таков многучовек,
Твоето е да го бараш.

© Radio Bravo - Kumanovo