• Radio Bravo

  • Bravo Smooth Jazz

Празнување на Богојавление, Водици

Водици или Богојавление е денот на кој според христијанското предание Св. Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Се прославува на 19-ти јануари кај црквите што го користат Јулијанскиот календар (вклучувајќи ја и МПЦ, а на 7-ми јануари кај црквите што го користат Грегоријанскиот календар). Со тоа му се дава значење на крштевањето како една од повеќето свети тајни на христијанството. Крштевањето значи и духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата. Затоа кумот се смета за духовен родител на крстениот и најблизок роднина. Со овој празник завршуваат не само дванаесетте т.н. Некрстени денови туку и циклусот зимски празнувања во кој спаѓаат уште и свеченостите поврзани со Бадник, Божик, Нова Година (Василица) и сл.
Слушнете во 10 минути за еден од најголемите православни празници, Богојавление, Водици.

Предхристијанско празнување и традиција

Богојавление бил празник на многубожниот бог давател Дајбог кој ги исполнувал желбите на луѓето кои му се обраќале при отворањето на небото. Имено, според верувањето, ноќта спроти празникот точно на полноќ, на глуво доба, се отворало небото и на сите што будни ќе го дочекале тој час Бог им ги исполнувал желбите. Според едно предание од Охрид што го забележал Кузман Шапкарев некој човек што овој миг го гледал низ прозорецот сакајќи да има еден осмак пари по погрешка рекол: „Дај ми Господи, еден осмак глава“. И за чудо на часот главата му пораснала колку еден осмак, та не можел да си ја тргнит назат од пенџерата и му останала надвор од пенџерата, а тој како закоан на неа”. Тој час како што се верува и водите престанувале да течат за миг и биле многу лековити. Од таа вода да се налеело можело да се лекуваат разни болести. Ако пак не се налеела во тој миг водата можела таква да се напрви откако ќе се освети (покрсти) по специјален обред што го изведува свештеникот.

Христијанскo празнување и традиција

Водици се празнува два дена. Првиот ден 19-ти јануари, освен Богојавление и Водици уште се вика и Војордање и Машки Водици, а вториот ден 20-ти јануари, Собир на Свети Јован Крстител уште се вика и Женски Водици. Како што забележал Кузман Шапкарев во минатото во Скопје бил познат обичајот капење на младоженците. Првиот ден од празникот ги бањале зетовците и машките деца првенци, а вториот ден невестите и женските деца, исто така, првенци. Овој обичај се изведувал на тој начин што ги носеле на реката Вардар, а таму попот по специјален обред ги попрскувал со пејана (светена) вода. Познато е дека на првиот ден од празникот по коледица одат само мажите, а вториот ден само жените.
Денес традиционално, во Македонија во речиси сите населени места, свештениците го фрлаат ритуалниот крст во некоја поголема вода – река, езеро или базен, а луѓето скокаат во водата и се обидуваат да го фатат крстот. Се смета дека на тој ден сите води се крстени и исто така оној што ќе го најде крстот ќе биде среќен во следната година.
Овој ритуал го симболизира влегуањето на Христос во реката Јордан.
Во библиската Палестина, на реката Јордан, се слушал гласот на пророкот Св. Јован Крстител, кој ги повикувал луѓето да се покајат за своите гревови и да примат крштение. Ги крштевал луѓето од Ерусалим и од цела Јудеја. И Господ Исус Христос доаѓа при Јована на јорданските води. Тој ја позна величината на Христовата божествена природа и затоа зборува: “Еве го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе!”. Тој го крштева Христа во р. Јордан.
Со тоа Христос го потопи прародителскиот грев и гревовите на сите луѓе од постоењето на светот. Штом се крстил, излегол од реката, му се отвориле Небесата и Духот Божји во телесен вид како гулаб се спуштил над Него. Глас од Небесата говорел: “Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја! “Гласот на Отецот е упатен кон Неговиот Син, но поради Него ги повикува сите луѓе од светот да станат синови и ќерки Божји.

 

© Radio Bravo - Kumanovo