• Radio Bravo

  • Bravo Smooth Jazz

Соопштение на Здружението на приватните електронски медиуми

На работните расправи кои се претходно најавени, а кои треба да стават ред во областа на авторските права, задолжително да присуствува член на доминантното медиумско здружение во РМ, а тоа е Здружението на приватните електронски медиуми, бараат членовите на оваа организација.

 Реакцијата доаѓа по последните случувања поврзани со Здружението за заштита на авторски музички права-ЗАМП и мораториумот на забраната за емитување на авторски музички дела од нивниот репертоар, како и репертоарот на организациите за колективно остварување на авторски музички права HDS ZAMP (Хрватска) и SOKOJ (Србија) кој истече на 20-ти овој месец, како и законските обврски кои ги имаат медиумите за квотата за емитување инструментална, вокална и/или вокално-инструментална музика на македонски јазик или на јазиците на етничките заедници во Република Македонија.

 Дали ваквото постапување на Здружението за заштита на авторски музички права-ЗАМП е законито и дали доколку некој од медиумите продолжи да емитува музика која е под нивна заштита би трпел последици? Заради овој вакуум кој е создаден, медиумите не знаат како да постапат, и бараат да се земат во предвид сите барањата кои Здружение се упатени до сите релевантни институции. Во нив јасно ги дефинираме нашите проблеми и барања за надминување на оваа навистина лоша состојба за работа и развој на медиумите во Република Македонија. Сметаме дека надлежните институции треба да заземат став кој подеднакво ќе се почитува од сите медиуми, како не би настанала селективност и различен третман кон различни медиуми, информираат од Здружението на приватните електронски медиуми на Република Македонија .

Додаваат дека доколку не се стави ред во оваа област и се повтори спорно барање како она на Здружението за заштита на авторски музички права-ЗАМП за стопирање на емитување на музика, ќе ги повикаат сите свои членови на комплетен бојкот на македонската музика.

Оваа одлука се наметнува, пред се` затоа што како Здружение во врска со измените кои беа донесени не бевме консултирани или повикани на јавна расправа за да ги дадеме нашите барања и размислувања, иако членови на Здружението на приватните електронски медиуми се над 80% од медиумите во оваа држава, велат од Здружението на приватните електронски медиуми и бараат да се стави ред во оваа област и да се почитуваат барањата на медиумите.

Поради неправилно распределување на средствата собрани на име авторски права, другото Здружение кое ги „распределува” собраните средства ја загуби лиценцата, а тоа е Македонска Музичка Индустрија (ММИ). Тоа е само потврда на она што го зборуваме и на што посочуваме веќе подолг период – дека состојбиде во оваа област се далеку од средени. Нашите барања се кристално јасни и доставени до сите надлежни институции во земјата и странство. Како една од опциите за решавање на овој проблем е и мораториум на работата и на Здружението за заштита на авторски музички права-ЗАМП, по што би се отворила јавна расправа, во која би учествувале претставници на медиумските здруженија, заедно со одговорните органи и надлежни министерства. Потоа да се почне повторно со наплата, но по реални принципи, кои нема да се „убиствен” товар за медиумите. Натаму да има законска можност повеќе здруженија да се занимаваат со распределба на авторските права (по два пандани на Здружението за заштита на авторски музички права-ЗАМП и Македонската Музичка Индустрија ММИ, па медиумите да соработуваат со оние кои ќе им понудат најдобри услови. Само на овој начин членовите на нашето здружение не би биле оштетени од финансиска страна и ќе нема потреба да носат вакви радикални одлуки кон истите, додаваат од Здружението на приватните електронски медиуми од каде напоменуваат дека доколку не се почитуваат нивните барања, ќе ги повикаат своите членови на тотален бојкот на македонската музика, со оглед на самиот факт што на овој начин едноставно нема музика која би можела да се емитува.

– ТОТАЛНИОТ БОЈКОТ би траел се до конечното средување на состојбите во оваа област, напоменуваат од Здружението на приватните електронски медиуми на РМ.

© Radio Bravo - Kumanovo