• Radio Bravo

  • Bravo Smooth Jazz

Куманово за прв пат има државен шампион

Денис Вујадиновиќ, тренер на Женскиот Одбојкарски Клуб СВС Куманово, за слушателите на Радио Браво, говори за историскиот успех на кумановските одбојкарки.

ОК СВС Куманово, откако стана втора екипа со освоен Куп на Македонија, минатава седмица влезе во историјата на кумановскиот спорт како прва екипа во колективен спорт, сениорски првак на Македонија.


Кумановските одбојкарки го донесоа првиот тимски државен трофеј во Куманово, по 1993-та година во која Ракометнот клуб Шевро Куманово го освои Купот на Македонија. Во финалниот меч кој се играше во салата на средното училиште „Димитар Влахов“ во Струмица, екипата на ОК СВСК Куманово со 3-1 во сетови го победи тимот на Јанта Волеј. По освојувањето на Купот следуваше финалната серија во првата одбојкарска лига помеѓу истите екипи.


Одбојкарките на СВС Куманово го загубија првиот меч против Јанта Волеј, на гостински терен со убедливи 3:0 во сетови.
Со резултат 3:2 во сетови одбојкарките на СВС Куманово ја впишаа првата победа против составот на Јанта Волеј од Скопје. Екипата на Јанта Волеј имаше 2:0 предност во сетовите, но одлучноста и мотивираноста на домашната екипа ги внесе во ритам и направија одлична серија од сервис и блок, па го добија третиот сет со 25:19. Гостинките успешно се вратија во ритам па неизвесноста беше присутна се до 4-от сет каде одбојкарките на СВСК со успешен блок и напад го освојиа овој дел од натпреварот со 26:24. Петиот сет – таканаречен тај-брејк подобро го отвори гостинскиот состав со 2:0, но потоа домашната екипа ја презеде контролата над играта и резултатот, па заслужено се врати од резултатската негатива.
Во третиот меч против актуелниот бранител на шампионскиот трофеј Јанта Волеј, одигран во салата средното економско училиште „Перо Наков“ во Куманово, одбојкарките на СВСК по голема борба забележаа победа со 3-2 во сетови. Иако гостинската екипа имаше предност од 2-0 во сетови, сепак нашите одбојкарки во продолжението успеаја да освојат три сета, а решавачкиот петти со 16:14.

И во четвртиот меч кој се одигра во Скопје, одново се водеше голема борба, за на крајот, повторно по пет сета, со 3:2, Женскиот Одбојкарски Клуб СВС Куманово да го решат мечот во своја полза и да ја освојат шампионската титула. Со тоа, нашиот клуб, во финалната серија со 3:1 во победи, на маестрален начин успеа да ја заврши својата премиерна сезона во елитата, со двојна круна, откако претходно и во финалето на Купот на Македонија ја совлада екипата на Јанта Волеј со 3:1 во сетови.

© Radio Bravo - Kumanovo