• Radio Bravo

  • Bravo Smooth Jazz

Кумановците Ки со свој деби сингл

Денес, Радио Браво преку гостувањето на Александар Краљевски ви го претставува новиот кумановски бенд, „Ки“.

Бендот „Ки“ е формиран на почетокот на минатата година, но иако е релативно нов, влече богато искуство од претходниот состав „Ептен“, по чие распаѓање членовите се собраа под ново име. Ги краси електро арт звук, за кој се заслужни Марко Петровски (бас гитара), Милош Краљевски (тапани), Александар Краљевски (вокал и гитара) и Даме Јовановски (клавијатура и синтисајзер), а за светскиот призвук на бендот „Ки“ придонесува и Марко Николовски (диџеј, електроника, семплови). Поигрувајќи се со музичките жанрови, „Ки“ носи несекојдневен звук со автентични текстови, а сето тоа ќе биде сместено на нивниот прв албум, кој планираат да го објават на почетокот на следната година.
Aleksandar Kraljevski

А од каде идејата за името на бендот? „Ки е трагач, бегалец од безличноста на светот кој го опкружува. На пат од кој нема назад, без кормилар на бродот, препуштен единствено на ветерот и неговата имагинација, тој полови кон својот остров, од другата страна на умот, каде разумот е ништо освен слуга на ирационалното. Неговиот брод е совршено опремен и насочен во правец кон непознатото, далеку од сè, а најмногу од привидниот ред кој владее во светот околу него. За разлика од совршенството на неговиот брод, тој е свесен за неговото несовршенство, но успева од истото да создаде свет доволен самиот на себе, во кој има место за секој што сака да биде дел од него“, објаснува Александар Краљевски.

Новата песна е снимена во студиото „ММ продакшн“ во Куманово, миксот е на Борче Кузмановски и Милош Краљевски, мастерингот го направи самиот Борче, а продукцијата е заедничка со Александар Краљевски. Придружни вокали се Никола Богатиновски, Драган Тајковски, Јован Хаџи Тасиќ, Филип Михајловски, Емил Пацковски и Кристијан Стојановиќ.

© Radio Bravo - Kumanovo