Денес Радио Браво во телефонско интервју ви ја претставува Марија Спасовска која со песната „Дома“ ќе ја претставува Македонија на Детската Евровизија во Минск, Белорусија на 25 Ноември 2018-та година.
Музиката и аранжманот на песната се дело на Дарко Димитров, а текстот го напишаа Елена Ристеска и Дарко Димитров. Видео записот за песната се снимаше во Македонската опера и балет под режисерската палка на Чедо Поповски со целосна поддршка на Компанијата Мулти Шпед од Скопје.
Марија секојдневно се подготвува вокално со професорката Ана Костадиновска, а за сценскиот настап во Минск, за комплетната кореографија и режија за најдоброто претставување на оваа приказна работи со младата и успешна режисерка Љупка Јакимовска со која Марија соработуваше и за претходните меѓународни настапи во Витебск на Славјански Базар, во Москва и други.
За Јуниорската евровизија секоја земја учесничка може да го поддржи и својот кандидат, односно да гласа за својата земја! Значи Македонија може да гласа за Македонија! Online гласањето ќе биде објавено за време на генералната проба во Минск.
За прв пат на Детската евровизија 2018 ќе учествуваат најголем број учесници. Вкупно 20 земји од Европа, вклучително и Австралија ќе имаат можност да се борат за највисок пласман. Настапот на 25 Ноември во Минск е во живо. Ќе се емитува на мрт од 17.00 часот, а за Марија е огромен предизвик и со нетрпение чека да застане пред 15000 публика во големата арена во Минск, Белорусија.