• Radio Bravo

  • Bravo Smooth Jazz

Марјана Павличек за прославата на 70 години ФКК Козјак

По повод своите јубилејни 70 години ФКК Козјак наредната недела организира низа случувања, почнувајќи од 29.05.2018 (вторник) до 01.06.2018 (петок).

Марјана Павличек, членка на Фото Кино Клуб “Козјак” Куманово, говори за настаните со кои Клубот ќе го прослави јубилејот, 70 години постоење.


Уметноста е продукт на културата, таа е вид на естетска комуникација помеѓу авторот и публиката, а нејзина главна цел е презентација на едно субјективно видување на постоењето. Пораката на уметничкото дело може да биде насликана, напишана, извајана, отсвирена а може и да биде заробена во еден единствен момент фатен со скаменетото око на фото – апаратот.
Фотографијата истовремено е уметност, наука и практика, која ја има таа моќ да раскажува приказни преку боите, мигновените изрази на лицето и телото, пејсажите, движењата и емоциите фотографирани и ставени во рамка. Иако строго визуелна по дефиниција, нејзината порака се чита со сите сетила и допира до секоја емоција.
Една ваква уметничка презентација на светот гледан низ објектив, претставуваат и овогодишните манифестации на Фото Кино Клубот “КОЗЈАК”, по повод јубилејните 70 години од постоењето. Публиката ќе има можност да види фотографии, филмови, мигови од реалноста, специфичен вид на сведоштва за она што, низ уметничката перспектива на нашите членови, значи да се биде ОВДЕ и СЕГА. Овие манифестации имаат за цел да го презентираат и надополнат естетскиот сенс за уметничката фотографија и филм, кој го гради нашиот клуб повеќе од половина век. Изложените дела се показател на сериозноста и посветеноста со која и пристапуваме на оваа уметност и претставуваат уште еден доказ за оправданоста на интернационалното реноме кое го има ФКК “Козјак”.
По повод своите јубилејни 70 години ФКК Козјак наредната недела организира низа случувања, почнувајќи од 29.05.2018 (вторник) до 01.06.2018 (петок). Сите љубители на фотографија и филм, ќе имаат можност четири дена да уживаат во уметнички дела создадени со љубов и макотрпна работа во изминатите години од страна на ФКК “Козјак”.


Како прв настан кој ќе имаат можност посетителите да го видат ќе биде одржан на 29.05.2018 (вторник) во “Кашмир рокенрол бар” во локалитетот “Гарнизон” со почеток од 20:00 часот. Ќе имате можност да бидете дел од целовечерна проекција на фотографии од членовите на ФКК “Козјак” како и фотографии од членовите на пријателските клубови од целиот Балкан.
Настанот кој следува на 30.05.2018 (среда) ќе биде одржан во чест на нашиот драг и прерано заминат член на клубот – Лазар Ѓорѓевиќ, филмски работник. Оваа вечер ќе бидат прикажани филмови кои се создадени благодарение на нашиот Лазар Ѓорѓевиќ како режисер и филмски уметник. Истиот настан ќе биде одржан во свечената сала на Занаетчиски дом – Куманово, со почеток од 19:30 часот.

Натанот под наслов “Мајски салон 2018” која е и традиционална клубска изложба на ФКК “Козјак” ќе биде официјално отворена на 31.05.2018 (четврток) во НУЦК “Трајко Прокопиев” – Куманово со почеток во 20:00 часот. Посетителите на салонот ке имаат можност да бидат сведоци на фотографии изработени од страна на членовите на ФКК “Козјак” од периодот на неговото основање па се до ден денес.
Како последен настан од оваа недела ке биде кино-проекција на филмот “Копање” во режија на Ивица Димитријевиќ и Мартин Иванов. Прикажувањето ке биде одржано во МКЦ “Козјак” – Куманово со почеток од 20:00 часот. Влезниците ќе можете да ги купите на самата билетара.
За жал, фотографијата како уметничко изразување, во Македонија е помалку или повеќе, пасија на ниво на хоби, организирана во повеќе фото-клубови ширум државата. Но дури и како таква, таа побудува се поголем интерес кај младите што резултира со дела кои го збогатуваат квалитетот на македонската фотографија и се повеќе ги истакнуваат нејзините специфики. Токму како подршка на креативноста на младите и неафирмирани фотографи, но и како презентација на оние наши членови чии имиња и дела се веќе препознатливи во светот на уметничката фотографија, ФКК “Козјак” оваа година слави 70 години од своето постоење.

© Radio Bravo - Kumanovo