• Radio Bravo

  • Bravo Smooth Jazz

Фросина Симоновска од „Порака Наша“

3-ти Декември е Меѓународен ден на лицата со попреченост. Овој ден беше повод и причина да се обрне внимание на секојдневните, нерешени проблеми кои ги имаат лицата со попреченост и нивните семејства.

Разговор со Фросина Симоновска, дефектолог во Здружението „Порака Наша“.


Ни требаше многу време да почнеме да говориме за тоа што лицата со попреченост можат да направат, а не она што не можат. Како резултат на тоа тимот на Порака наша со корисниците изработи Календар со наслов “Заедно цела година”. Идејата беше да бидеме присутни 365 дена, а не само одредени денови во годината. Исто така преку Календарот сакавме луѓето да дознаат што претставува Здружението Порака Наша, кои се активности се реализираат во Дневниот центар, потребите на корисниците, нивните можности и способности. Исто така сакавме да искажеме благодарност до граѓаните на град Куманово бидејќи несебично не помагаат цели 11 години. Она што ние го порачавме на 3Декември е дека и лицата со попреченост можат да допринесат во заедницата на ист начин како и сите ние. Доволно е само да ги запознаеме, да им помогнеме да научат, да ги поддржиме кога тоа е потребно, да не ги менуваме, да им бидеме пријатели. Но пред се треба да ги почитуваме бидејќи почитта значи еднаквост.

Делењето на календарите го направивме заедно со корисниците притоа имавме и можност да поразговараме со луѓето, да слушнеме нивни размислувања за дневниот центар, за лицата со интелектуална попреченост па дури и некои идеи за подобра интеграција на лицата со попреченост во средината. Оваа активност ја реализиравме со помош на волонтерите од општинскиот Црвен Крст. Исто така по повод 3 Декември имавме и работилница со средношколците од ОСТУ “Наце Буѓони” со цел подигање на јавната свест кај младата популација.


6 ти Декември е многу значаен ден за нас од причина што на 06.12.2006 година е отворен Дневниот центар за лица со умерена и тешка интелектуална попреченост над 18 годишна возраст “Порака Наша” и утре славиме 11 години постоење. Овој Дневен центар е отворен како резултат на една неправда која е нанесена кога е отворен Дневниот центар за деца со посебни потреби под 18 годишна возраст менаџиран од МТСП. Со непримањето во Дневниот центар на возрасните лица со интелектуална попреченост, Невладиното родителско здружение “Порака Наша” го отвора Дневниот центар за возрасни лица со умерена и тешка интелектуална попреченост над 18 години. Сите оние кои сакаат можат да не посетат и притоа да се запознаат и дружат со корисниците на Порака Наша.

Моментално ЗРЦЛИП “Порака Наша” има 2 проекти. Освен лицата кои се корисници на социјалната сервисна служба во нашето Здружение членуваат и оние најмалите кои се дел од редовното образование. Со цел да се подобри процесот на инклузија во училиштата аплициравме и добивме проект за Иновативни инклузивни методи во наставата кои треба да ги пренесеме од европските развиени земји. Вториот проект е за Интернет безбедност. Сведоци сме дека и лицата со интелектуална попреченост го користат интернетот како алтка за добивање информации знаења и комуникација. Но тоа не значи дека не се подложни на злоупотреби. Овој проект е со цел да превенираме такви појави и воедно да видиме каква интернет заштита имаат во земјите во ЕУ. Овие проекти ќе се реализираат во наредните 2 години.

Идни планови. Сведоци сме дека во последно време има многу невладини здруженија кои работат активно или пасивно на полето на попреченоста. Но кога имате социјална сервисна служба и успешно ја менаџирате 11 години тогаш ќе речеме дека нашата Невладина организација е судбинска. Нашите членови се судбински поврзани со една единствена цел подобрување на квалитетот на животот на нивните деца. Порака Наша изминативе години беше делумно финансиски поддржана од општина Куманово, бизнис секторот во градот и околината и еден мал дел е на МТСП. Она на што ќе се фокусираме наредниот период е системско решавање на статусот на дневниот центар на Порака Наша. Ова го правиме со цел да можеме во иднина да отвориме и други сервиси како што се мали групни домови. Овие сервиси се повеќе од потребни бидејќи ќе дојде ден кога лицата со попреченост ќе останат сами без своите родители и ќе мора да се најде форма која ќе ги згрижи 24 часа и ќе овозможи целосна независна интеграција во заедницата во која сите живееме и делуваме.

© Radio Bravo - Kumanovo