• Radio Bravo

  • Bravo Smooth Jazz

Сандра Трајковска: Интернационалната изложба „Фото приказна“


Почитувани кумановчани, Фото Клуб Куманово, преку денешната гостинка во Радио Браво, членката на клубот Сандра Трајковска, ве поканува на 6-ти ноември (вторник), во 20:00 часот, во Занаетчискиот дом (кино Напредок), да ја посетите интернационалната изложба насловена како „Фото приказна“.

Изложбата е под покровителство на Министерството за култура, па ја користам оваа прилика и да им се заблагодарам за искажаната доверба.


Овој пат фотографите имаа можност да се натпреваруваат помеѓу себе во девет категории и тоа: слободна (колор), слободна (црно-бела), фото-журнализам, жена, травел, природа, лајф, улица и минамализам. Бројката на примени фотографии е над 6200 од 305 фотографи од 53 земји од целиот свет. Примените фотографии ги жирираше трочлено еминентно жири, кое имаше мошне тешка задача. Тие доделија 27 златни, 18 сребрени, 18 бронзени медали и 81 диплома.


На изложбата ќе може да се видат околу 60-тина фотографии. Секој изложен кадар ќе го доживеете различно, со едни ќе се радувате, со други ќе тагувате, со трети ќе се изненадите, но кај сите приказната е таа која е најгласна, како и насловот на салонот. Тој различен светоглед ќе ве вивне во височини на моменти, но и ќе ве спушти во длабока бездна, секако фотографиите ќе ви остават длабок впечаток. Повелете, вторник, 20:00 часот, Занатски дом.

© Radio Bravo - Kumanovo