• Radio Bravo

  • Bravo Smooth Jazz

Славица Ламбаша од „Здружение на пензионери Куманово“

На 14-ти октомври, „Здружението на пензионери Куманово“ го одбележа своето 70-годишно постоење со свечена академска седница на која беа доделени 80 благодарници на свои членови. Славица Ламбаша, председател на комисијата за културно уметнички самодејности при „Здружението на пензионери Куманово“, во интервјуто за Радио Браво ги презентираше културните активности што треба да се реализираат во месецот ноември.

На 2-ри ноември, во 19 часот, во зградата на Театар Куманово ќе се реализира претставата „Шути и рогати“, а во изведба на аматерската драмска секција од здружението. Билетот чини 50 денари,а што е најважно, собраните средства ќе бидат донирани во хуманитарна акција за помагање на настраданите жители од августовската поплава во скопското село Стајковци. Истата претстава ќе се игра и на 3-ти ноември и истата ќе биде прикажана за корисниците во старскиот дом „Зафир Сајто“. На 22-ри ноември, во салонот на Центарот за Култура „Трајко Прокопиев “, аматерските сликари од здружението ќе изложат свои уметнички дела за пошироката јавност.

Славица Ламбаша, председател на комисијата за културно уметнички самодејности при „Здружението на пензионери Куманово“, го искористи своето гостување во Радио Браво да ги покани своите сограѓани на предавањето на тема: „Остеопороза“ кое го организира Комисијата за здравство и социјални прашања на „Здружението на пензионери Куманово“, кое пак ќе се одржи во просториите на Здружението, утре, 1-ви ноември со почеток во 17 часот. На предавањето ќе зборува д-р Горан Денковски, доктор по интерна медицина. Тој во своето ислагање ќе се осврне на симптомите и лекувањето од ова заболување на коскеното ткиво кај возрасната популација.

© Radio Bravo - Kumanovo