• Radio Bravo

  • Bravo Smooth Jazz

Симона Тоскиќ и Зоран Зафировски од Театар Куманово

Симона Тоскиќ, драматург и извршен продуцент во НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Театар Куманово и Зоран Зафировски драматург во НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Театар Куманово денеска беа гости во Радио Браво и зборуваа за репертоарот на Театар Куманово и ги најавија и следните проекти за наесен.

Последна премиера која ја реализира Театар Куманово, беше текстот „Pевизор“ на Николај Васиљевич Гогољ. Станува збор за многу игран комичен текст во историјата на театарот. Покрај актуелната тема што ја обработува оваа претстава, режисерот Андреј Цветановски избра и одличен тим со кој ја реализира претставата. Во составот се вклучени и четири млади актери, од кои тројца се од Куманово: Мартин Манев, Никола Наковски и Милош Стојковиќ. Остатокот од ролјите ги толкуваат актерите од ансамблот на Театарот: Горан Илиќ, Кети Дончевска – Илиќ, Александра Михајловска, Мартин Лазаревски, Мирослав Петковиќ, Марко Трајковиќ, Владо Дојчиновски и Горан Ников, инаку многу надежен актер од Струмица. За костимите се погрижи м-р Александар Рашковиќ, за сценографијата Сергеј Светозарев, а за музичкиот дел Димитар Андоновски. Инаку „Pевизор“ ќе го претставува кумановскиот театар на  педесет и првото издание на Театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“.

Овој месец љубителите на театарската уметност ќе можат да проследат три наслови, односно повеќе репризни изданија на претставите „Pевизор“ и „Идиоти“, како и „Волшебникот од Оз“ за најмладите. Претставите во среда се со слободен влез за средношколците, а студентите само со приложување на индекс на билетарницата, добиваат бесплатен влез за која било од претставите кои се играат во четвртоците. Следната премиера ќе биде во јули и тоа претставата „Вообразениот болен“ од Молиер, на албански јазик, а македонската ја очекуваме во втората половина на септември, претставата „Бегај еве ја жена ти“ (втор дел) од Реј Куни.

© Radio Bravo - Kumanovo