• Radio Bravo

  • Bravo Smooth Jazz

ЖРК Куманово на европска сцена, потребна подршка од навивачите

Викендов, во сабота на 15-ти октомври, ракометарките на ЖРК Куманово ќе ја започнат европската авантура во EHF Challenge купот. Првата средба од второто коло против составот на Хелветиа Алкобентас од Мадрид, Шпанија,  ја играат во спортската сала во Куманово со почеток во 19:30 часот. Како увертира на овој европски двобој, што рака на срце кумановчани можат да гледаат можеби еднаш во десет години, во Радио Браво гостуваше тренерот на нашите ракометарки, Антонио Ивановски.

Да потсетиме дека ЖРК Куманово е претставник на Македонија во EHF Challenge купот, како третопласирана екипа од минатото првенство, веднаш зад ЖРК Вардар, учесник на Ф4 турнирот од Лигата на шампионит и ЖРК Металург кој е составен од репрезентативки на Македонија. ЖРК Куманово е вистински „кумановски клуб“, бидејќи во него членуваат единствено девојки од нашиот град, кои своите први чекори ги направиле во пионерската екипа на клубот, кој пак минатава сезона го освои второто место во државното првенство (во финалето на плеј-оффот загубија од ЖРК Металург). Токму од таа селекција, во сабота ќе имаме можност да видиме и неколку девојчиња кои храбро ќе се спротистават на Хелветиа Алкобентас, екипа во чии редови има поранешни и сегашни репрезентативки на Шпанија, Бразил и Италија.

ЖРК Куманово заслужува подршка. Клубот и оваа сезона, најверојатно ќе заврши повторно на третото место во државниот шампионат, има своја кадетска и пионерска екипа. За само 50 денари, во сабота ќе уживаме во европски натпревар, а со оглед на финансиската состојба на спортот во Куманово (со минимална подршка од правните субјекти и локалната самоуправа), прашање е кога повторно ќе ја имаме истата можност.

zrk-kumanovo-ehf-web

zrk-kumanovo-najava

© Radio Bravo - Kumanovo