Ованеделниот албум го посветуваме на најновото дело на американскиот рок бенд од Лос Анѓелес формиран во далечната 1992-ра од пеачот Rivers Cuomo и тапанарот Patrick Wilson, а по неколкуте измени денес со нив се и Brian Bell и Scott Shriner. Станува збор за групата Weezer, група која е активна 20-тина години и со која порано или подоцна сигурно сте се запознале, бидејки во секој дел од кариерата исфрлуваа мегахитови кои им ја одржуваа славата. Уште од првиот албум кој го крстија исто како и бендот, а кој е познат како синиот албум во 1994-тата и сингловите “Buddy Holly”, “Undone – The Sweater Song” and “Say It Ain’t So”, па се до денес имаат продадено дури 9,2 милиони албуми во Америка и 17 милиони ширум светот. Интересно за нив е што од почетокот практикуваа да не се замараат многу околу имињата на албумите и воглавно им даваа исти имиња, т.е. името на групата, а потоа им додаваа таканаречени прекари или бои, па првиот беше син, потоа следеа зелениот, црвениот и најновиот – белиот албум. Помеѓу нив имаат уште 6 со конкретни имиња, но ние денеска се задржуваме на најновиот.
Белиот Weezer е збирка на гитарски композиции со многу милозвучни мелодии и со често препознатливи рефрени, нешто што ке ви е пријатно да го слушнете на радио додека работите нешто по дома, на работа или сте во автомобил, песни исполнети со нивниот класичен звук, звук кој сега е многу позрел и кој знае на која публика се обраќа. Текстовите на песните ја даваат потребната привлечност, а кај неколку од нив на прво слушање се открива потенцијалот за хит, нешто што е многу важно, особено кај групи како Weezer, бидејки со тоа се задржува серијата на успешни хит-синглови во кариерата.
Белата боја често ја поврзуваме со некои невини работи, а Weezer одамна не се тоа. Денес, по 10 албуми зад себе, јасно докажуваат дека имаат и глава и опашка, дека знаат што сакаат и онаа што е најважно, дека знаат тоа и да го постигнат. Леснотијата со која ги прават песните такви какви што се, покажува дека и после толку години може да се остане свој, а сепак да се понуди и нешто ново и досега неистражено. Weezer никогаш неможеле да станат најдобра, најпопуларна или најголема група на свет, но затоа титулата на еден од најзабавните бендови ја држат цврсто уште од оној момент кога го запеаја нивниот прв хит Buddy Holly и сигурен сум така ке остане многу многу долго.