Blue & Lonesome е 23-тиот британски и 25-тиот американски студиски албум на великите Rolling Stones. Албумот е исполнет со блуз преработки и официјално на пазарот се појави на 2 декември 2016 година. Самата вест дека најновиот студиски материјал на Rolling Stones по албумот “A Bigger Bang” од далечната 2005-та година ке биде составен во целост од преработки на стари блуз теми даде јасен сигнал дека и оваа група која работи уште од далечната 1962-ра година само ја дополнува групата на таканаречената стара гарда кои во завршната фаза од сопствените кариери остануваат без ништо ново за кажување и преминуваат кон обработување на стари и познати песни. Ако на тоа се додаде дека тие одбрале материјал за преработка кој е преработуван многу пату од многу нивни колеги, тешко беше да се поверува дека од овој албум можеше да излезе нешто интересно и свежо. Секако треба да се земе во предвид дека Rolling Stones не се некој просечен бенд од бар туку се вистински претставници на првата британска инвазија во светот и токму тие беа заслужни за популаризацијата и новото откривање на блуз музиката меѓу пошироката публика.
На целиот албум и во сите песни најдоминантна е дефинитивно агресивната усна хармоника на Mick Jagger, но целокупно славниот фронтмен е во топ форма и пејачка и животна затоа што верувам слушнавте дека тој го доби 8-то дете, но да се вратиме на музичкиот дел. Целиот албум го има отпеано силно, уверливо и со нескриено задоволство, со карактеристичното фразирање и британскиот акцент. Песните на американските блузери со тој британски акцент од неговите уста успеваат да звучат како најприродната работа на светот.
Блузот е нивната прва љубов и секако знаеле дека ке и се вратат кога тогаш по сите овие години и тоа го направија токму со албумот “Blue And Lonesome”. Враќајки се на својот извор на инспирацијата, успеале да реинкарнираат поголем дел од старата магија, но и да ја додадат патината од насобраното искуство и спротивно од очекувањата на скептиците со овој албум одржаа вистинска лекција на тема блуз музика и докажаа дека кога го работат онаа што го сакаат, тие секогаш можат да бидат оние Rolling Stones кои ги сакаме.