Институтот за наука, уметност, култура и спорт, Куманово го враќа џез фестивалот во Куманово. Радио Браво, како медиумски помагател на фестивалот, преку гостувањето на уметничкиот директор, Филип Стевановски, како и Маријан Стевановски ја претставува програмата на Куманово Џез Фестивал 2017.
Со кликање на плеерот подолу, слушнете го разговорот со организаторите на настанов кој ќе се случи во петок, 22-ри септември во НУЦК “Трајко Прокопиев”, а билетот ќе ве чини само 100 денари.
Музичката програма е составена од МС Бенд, Филип Стевановски Бенд, додека звезда на вечерта ќе биде еден од најпознатите македонски џез музичари, Владимир Четкар со својот бенд.
Со неговата страст, енергија и разновидна музичка личност, белег на Владимир Четкар е неговата способност да ги комбинира многуте таленти како: гитарист, вокалист, аранжер, композитор и продуцент. Евидентните музички влијанија што ги имал, може да ве пренесат назад во времето на музичката ера кога бендовите како Chic и Earth Wind and Fire владееле со музичкиот космос. Но, новиот звук на Владимир, оригиналното музичко изразување и современота продукција ќе ве вратат во сегашноста и ќе ви претставие силната иднина на овој жанр на музика. Во основа, Владимир Четкар може да се опише како оригинален музички коктел од звуците на гитарата на George Benson, аранжманот на Quincy Jones и Mauro Malavasi, вокалот на Earth Wind and Fire и ритамот на Jamiroquai.
Филип Стевановски е пијанист, тромбонист и композитор, магистар по џез науки. Вработен е како професор во ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ Штип и Универзитет “Гоце Делчев“ Штип – Музичка академија. На музичката џез сцена се појавува од 2008 година како пијанист и тромбонист, а во 2010 година го издава својот прв џез албум под името “МИТ“. Својот бенд го создава во 2009 година по името ФИЛИП СТЕВАНОВСКИ КВАРТЕТ, и со него настапува на сите фестивали низ Македонија и странство.
МС Бенд со мали прекини, постои од 1989 година. Главните протагонисти, основачи и изведувачи: Маријан Стевановски – хармоника и тапани и Ико Матијашевиќ – хармоника и клавијатури, кои и го основаа бендот. Во 1990 година ја издаваат авторската касета со инструментални композиции во продукција на Радио Телевизија Скопје под наслов “Вардарска елегија”. Истата наидува на многу добар прием од страна на публиката и во исто време претставува авангарда на тогашната инструментална музика. За овој временски период издадени се повеќе аудио записи со содржина од world music и примеси на soft jazz. Музичките дела претставуваат аранжмани и преработки од познатите: фолк, рок, блуз, поп композиции и теми.