Овoнеделниот термин на емисијата Album of the Week му го преотстапуваме на американскиот пејач, текстописец, продуцент и поет роден како David Ryan Adams во ноември од 1974-тата во градот Jacksonville во Северна Каролина, а на музичката сцена попознат како Ryan Adams и на неговиот 16-ти по ред соло студиски албум, “Prisoner“.
Причината е едноставна, албумот е квалитетен, авторот уште повеќе. Како поткрепа на оваа тврдење е и фактот што тој од 2000-тата година, кога ги напушти Whiskey Town, па до денес има компонирано, снимено и објавено дури 16 албуми, а покрај тоа има еден куп соработки и проекти со многу познати светски ѕвезди и групи како што се Counting Crows, Weezer, Norah Jones, America, Minnie Driver, Cowboy Junkies, а ги продуцирал и албумите на Willie Nelson, Jesse Malin, Jenny Lewis и Fall Ou tBoy. Помеѓу останатото ја има напишано и книгата поеми Infinity Blues и Hello Sunshine, збирка на поеми и кратки приказни.
Со првите звуци на новиот албум на Ryan Adams – Prisoner ке го слушнете дефинитивно повеќе од било кога во неговата кариера, оној вистински американски звук. Сите оние кои знаат како звучеше Bruce Springsteen во најсилниот творечки период со цврсти, едноставни и лесно запаметливи гитарски рифови, со тажна усна хармоника која асоцира на возење по правливите американски патишта како во филмот “Thelma & Louise”, ке ја сакаат оваа плоча. “Prisoner” е албум кој со секоја секунда и песна очекувано е преполн со носталгија, но овој пат многу посилно и поемотивно отколку на досегашните студиски изданија од плодната кариера на Adams.
И за крај, може да се каже дека оволку профинети и инспиративни балади Adams нема напишано уште од албумот “EasyTiger” од 2007-та , дело кое може да се смета за негово најдобро остварување. Со својот квалитет, убавите рок мелодии споени со специфично романтичниот американски звук и аранжманите на песните кои на музиката и даваат да дише, албумот “Prisoner” спаѓа во врвот на опусот на овој талентиран музичар.