Добредојдовте во уште едно издание на “Album Of The Week”, и овој пат за вас, ќе преслушаме и искоментираме еден албум.
Во оваа издание тоа ке биде 5-тиот по ред студиски албум под името Wonderful Wonderful на американската рок група од Лас Вегас, The Killers. Група која постои од 2001-та година кога е формирана од Brandon Flowers, како водечки вокал, бас гитарист, клавијатурист и пред се движечка сила на групата со учество во пишувањето на песните, Dave Keuning соло гитара и пратечки вокали, Mark Stoermer, бас гитара и Ronnie Vanucci Junior на тапани.
Албумот Wonderful Wonderful на The Killers излезе, официјално на 22 септември 2017 година и е нивен прв албум по пет години пауза, односно по албумот Battle Born од 2012-тата. И на прво слушање веднаш ми дојде на ум дека басот одамна кај TheKillers не звучел толку добро. Низ целиот албум во кој лидерот Brandon Flowers како поет ги преиспитува своите позиции во животот како маж, татко, сопруг или фронтмен кој се прашува “дали се одпеани сите песни”?
Можеби е рано за криза на средните години кај The Killers, но тие звучат така, со музиката од осумдесетите во своите ноти но и со малку електронски призвуци од новите музички правци. Електрониката ги вади од споредувањата со рок легендите како што се DireStraits, U2 или Springsteen но и покрај тоа, многумина ке кажат дека се –Како нив-. Треба да се земе во предвид дека песните од албумот Wonderful Wonderful доаѓаат по креативната блокада која ја имаа долго време и по претходниот албум од кој тие со задоволство би се откажале.
“Wonderful Wonderful” како албум е подобар од претходниот Battle Born, секако дека ги покрива сите промашувања од него, но мислам дека сепак не е подобар од “Day and Age” од 2008-та кој беше некако посвеж од оваа рециклирана нова и стара музика, во исто време. Сепак треба да се одбележи дека The Killers започнуваат да звучат како рокери во зрелите години од своето постоење и творештво со доволно елан да снимаат нова и нова музика за своите фанови кои се веќе во кризата на средните години.