По „премиерата на синглот “Rylan“ во Премиера Хит на Радио Браво на 23-ти мај, како што ветивме, денес во емисијата Album Of The Week ќе ја слушате рецензијата на одбравме албумот I Am Easy to Find на американската рок група од Синсинати во Охајо – The National.
The National започнала со работа во 1999 година кога се собрале пејачот Matt Berninger, браќата близнаци Aaron Dessner на гитара, пијано и клавијатури и Bryce Dessnerисто така на гитара, пијано и клавијатури како и Bryan Devendorf на тапани, а подоцна им се приклучува и неговиот брат Scott Devendorfкој свири бас гитара. Во 2001-та го објавуваат својот прв или деби албум кој го нарекле како и групата – The National, со текот на годините издаваат уште 6 албуми, а на 17 мај 2019 година излегува нивниот 8-ми студиски албум – I Am Easy to Find.
Најчестата замерка на критичарите во однос на групата The National е тоа дека не се менуваат и дека континуирано се во сигурната зона со еднаков звук. Оние кои ги сакаат, ги сакаат токму поради нивниот едноставен звук, додека оние кои не ги сакаат тврдат дека се досадни. Својот осми албум I Am Easy to Find кој пак излезе само 2 години по албумот Sleep Well Beast на кој пак токму тој свој звук го обоија со електронска подлога, се обиделе да ја променат перспективата и да донесат нешто поинакво и поново. Резултат на сето тоа е нивниот најдолг албум досега, албум што трае повеќе од 1 час. Снимен е во Long Pond studio во Њу Јорк, а одредени делови од него се снимани на различни локации, во Париз, Берлин, Даблин, Синсинати, Остин и Бруклин. Излезе на 17 мај 2019 година под етикетата на британската независна издавачка куќа 4AD. Неговата специфичност и најголемата промена од досегашните дела е употребата на женски вокали и дури 12 виолинисти кои навистина го обогатија звукот на албумот и групата.
Голема улога во создавањето и промоцијата на албумот I Am Easy to Find на The National има режисерот Mike Mills кој всушност ја иницирал целата работа и направил и филм со исто име како и албумот. Во филмот глуми Alicia Vikander и неа може да ја следиме од раѓањето до смртта со сите проблеми со кои просечна жена се среќава. Целиот фил го следат и песните од албумот и воопшто не е чудно што токму женски лик е избран за главна улога и зошто приказната е толку емотивна кога знаеме дека сите албуми на The National се вртат околу фронтменот Matt Berninger и неговиот однос со сопругата и керката, посебно околу неговата улога на татко. Можеби е тоа и причината зошто на албумот гостуваат женски вокали и зошто има женска перспектива. The National со овој албум малку се изместени од нивните традиционални патишта и со тоа доста ризикуваат. Албумот I Am Easy to Findможеби не е врвен, но знаејки што се можат и колку трајат на музичката сцена, можеби може и да им се прости сето тоа и да се припише како експеримент и обид да променат нешто во својот израз, а со тоа да откријат некои нови патишта и можности. Времето ке покаже.