Добредојдовте во Album of The Week.
Kако и во секоја претходна седмица од годините наназад и во оваа ке преслушаме еден албум со коментари и информации. По правило тоа е секогаш некој понов или релативно нов албум, така ке биде и овој пат. На дневен ред оваа недела ни е 15-тото студиско дело на најверојатно најпознатиот гологлав музичар во светот, последниот албум на Richard Melville Hall, име кое верувам не ви значи ништо, но кога ке ви кажам дека станува збор за Moby тогаш веќе работите се менуваат. Албумот е со наслов “Everything Was Beautiful, and Nothing Hurt” и излезе на пазарот, официјално на почетокот на март од 2018-тата под етикетите на издавачките куќи LittleIdiotи Mute, а ние започнуваме со првиот издаден сингл Like a MotherlessChild.
“Everything Was Beautiful, and Nothing Hurt” е всушност епитаф на главниот лик од романот на Касапницата Пет или Slaugtherhouse Five, дело на американскиот писател Курт Вонегат. Врз основа на романот, во 1971 година бил снимен истоимениот филм, во режија на Џорџ Рој Хил. Слушајки го албумот ги пронаоѓаме мотивите од книгата поврзани со патувањето низ времето и мрачниот период на втората светска војна.
Moby можеби низ овие триесетина години колку е на музичката сцена, суптилно се има променето, но очигледно е дека секогаш работи што сака и скоро никогаш не е зависен од трендовите. Веројатно поради тоа е овозможена и авторовата автономност и искреност. Moby поголемиот дел од работата ја работи сам, а поврзаноста со поп културата и другите уметности само се надградба на неговото творештво. Можеби поради сето тоа тој толку години е синоним за популаризацијата на електронската и денс музиката, а неговите албуми од 90-тите години на минатиот век и првата деценија од овој се програмирани во свеста на многу млади луѓе кои тогаш ја откриваа електрониката. Иако се чини дека во последно време студиски стагнира и не е на истото ниво како пред 15 години, сепак тој изминатата година многу вредно работел, тука се соло проектите со The Void Pacific Choir со кои сними дури два албума.
https://www.youtube.com/watch?v=W2itPoyM894
И за крај, на албумот “Everything Was Beautiful, and Nothing Hurt” на Moby, секако најголемата предност е самиот крај, конфликтот на приватните проблеми и општествените промени. Тука е и промената на позитивната и негативната атмосфера, изминатите надежи и идните стравувања, сосема спротивно од почетокот на албумот кој е неутрален и малку препознатлив и може да се каже дека почетокот всушност служи како увертира за последната третина од албумот. Но бидејки делото го гледаме како целина, може слободно да се каже дека добивме класичен продукт на Моби и согледувајки ја целокупната кариера на овој гологлав уметник, “Everything Was Beautiful, and Nothing Hurt” нема да се најде на врвот на неговата дискографија кога ке му биде пишувана биографијата, но пак затоа нема да може да се критикува бидејки тој секако има и дела и инспирација кои ке останат запаметени. Финалната оценка е дека вреди да се преслуша повеќе пати.