Македонската кошаркарска репрезентација доби пеколно тешка група во квалификациите за Евробаскет 2021. Нашиот национален тим ќе биде дел од групата Б, каде за ривали ќе ги има селекциите на Русија, Италија и на Естонија. Станува збор за исклучително силни ривали, против кои ќе биде исклучително тешко да се стигне до позитивен резултат. НБА кошаркарите сигурно нема да настапат во овие квалификации, а шанса за нас може да биде доколку продолжи „војната“ меѓу Евролигата и ФИБА Европа, па кошаркарите од елитното клупско натпреварување да не добијат дозвола од своите клубови за настап за националните репрезентации.
Против селекцијата на Естонија последен пат игравме во квалификациите за Светското Првенство 2019, кога и во Скопје и во Талин изгубивме, по што се најдовме на дното на европската кошарка и бевме принудени да играме две рунди претквалификации за да стигнеме до главните квалификации за следниот европски шампионат.