• Radio Bravo

  • Bravo Smooth Jazz

Македонскиот спорт во 2015-та

И стигнавме до крајот на оваа 2015-та година во која македонски спортски херои меѓудругите беа и: кик боксерите Ненад Манојловски и Димитар Ѓеоргиев, пливачите Евгениј Поп Ацев и Андреј Стојановски, автомобилистот Игор Стефановски-Иџе, репрезентативецот во традиционално карате Дејан Недев, алпинистот Здравко Дејановиќ и каратистите Симон Антиќ, Симона Заборска, односно Емил Павлов и Мартин Несторовски.

Спортски вести емитувани на 31-ви декември 2015-та година:

Евгениј Поп Ацев, официјално, беше прогласен за спортист на годината во Македонија за 2015 година. Поп Ацев ја освои титулата во вкупниот пласман, во Гран при серијата на ФИНА, а круна на сезоната беше неговата победа на Охридскиот маратон, со што стана првиот Македонец со победа на престижната маратонска трка.

Кик боксерот, Димитар Ѓеоргиев, ја продолжи планетарната доминација во кик-лајт, во категоријата до 74 килограми, откако на Светското првенство во Белград, ја освои третата едно по друго титула. На истото СП, во истата дисциплина, но во категоријата до 69 килограми, светски првак стана и Ненад Манојловски. Успехот на кик боксерите го надополни Стефани Тодорова, која освои бронзен медал во дисциплината кик-лајт во категоријата до 60 кг, и за овој успех беше прогласена за спортистка на годината.

Автомобилистот Игор Стефановски-Иџе, кој во 2014 година го понесе признанието спортист на годината, ја одбрани европската титула на ридски патеки. Иџе, доминираше над конкуренцијата, победувајќи на десет од 12-те трки во сезоната.

Годината која изминува со златни букви ќе биде впишана во историјата на македонската одбојка, откако сениорската машка репрезентација стигна до сребрениот медал во Европската лига. Македонските одбојкари во финалето без поразени од Словенија со максимален резултат.

Кошаркарската репрезентација на Македонија, беше учесник на Европското првенство и во конечниот пласман го освои 19-то место. Подмладениот тим, кој на неколку дена до почетокот на подготовките доби нов селектор, групната фаза ја играше во Загреб каде запиша една победа и четири порази.

Ракометната репрезентација на Македонија настапот на Светското првенство во Катар го заврши на деветтото место. Откако во Групата Б забележа четири победи и еден пораз, македонските репрезентативци во осминафиналето беа поразени од Словенија. А капитенот на ракометната репрезентација, Кире Лазаров е најуспешен македонски спортист во странство откако во текот на изминативе 12 месеци ги освои сите титули кои можеше да ги освои со својата Барселона.

И на крајот на последните спортски вести во 2015-та година, Радио Браво на сите спортисти им посакува успешна олимписка 2016-та година. Се слушаме и понатаму.

© Radio Bravo - Kumanovo