• Bravo 88.5 FM

  • Bravo-Blues&Jazz

11-ти Октомври, Македонија празнува

Македонските граѓани денеска го празнуваат 11-ти Октомври – Ден на народното востание во Македонија.

На денешен ден, била нападната бугарската полициска станица во Прилеп, при што биле прекинати телефонските линии. Оваа акција се смета како прва и значеше почеток на востанието против окупаторот.

Ноќта на 12 октомври 1941, борците на Карадачкиот партизански одред се собрале на зборното место „Менкова колиба“, четири километри јужно од Куманово. Одредот бил составен од 15 борци, од кои 12 Македонци, двајца Албанци и еден Хрват.  Од зборното место одредот се упатува на Карадачкиот терен со задача да го разгори востанието во тој крај со претежно албанско население. Во утринските часови на 13-ти октомври Одредот пристигнува во реонот на село Белановце и се засолнува во една напуштена воденица. Откако дознал дека одредот се наоѓа во воденицата, селскиот кмет веднаш ја известува бугарската полиција во Куманово. Веќе следниот ден,  бугарската војска и полиција,  го напаѓа одредот и по едночасовна борба го разбиваат. Во битката загинуваат седуммина борци на Одредот, додека останатите осум се заробени.

Истиот ден и борците на Козјачкиот партизански одред се собрале во месноста „Студена Вода“, пет километри источно од Куманово. Оттаму, Одредот пристигнал на планинскиот врв Китка, на планината Козјак, на 13-ти октомври. На 16-ти октомври, одредот извршил напад на манастирот Свети Прохор Пчињски. Откако одредот дошол во реонот на селото Малотино, по предавството на селскиот кмет во Малотино, бугарската војска на 17-ти октомври го нападна одредот и по неколкучасовна борба го разбил. Неколку борци загинале, неколкумина успеале да се пробијат, а поголемиот дел биле заробени.

Македонија со одлуката да пристапи кон антифашистичката коалиција застана на страната на прогресивното човештво. Народноослободителната војска на Македонија на крајот прерасна во доброорганизирана 110-илјадна армија со воени формации од највиок ранг како корпуси и дивизии. За време на окупацијата од Македонија беа интернирани 58.000 лица, окупаторите вршеа злосторства врз недолжното цивилно население, а земјата претрпе и огромни економски штети.

Одлуките на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година претставуваа финиш на оваа војна, со нив се оживотворени повеќевековните идеали за основање македонска држава.

© Radio Bravo - Kumanovo