• Radio Bravo

  • Bravo Smooth Jazz

2-ри Август – Илинден

Св. Илија (Громовникот) е еден од култните светци кај православните македонци, бидејки православната црква го има поистоветено со Перун Громовникот, од словенската митологија, кога вршела покрстување на Словените.

Илинденско востание
Илинденското востание е востание против Отоманската империја и претставува еден од најголемите и најзначајните настани од македонската историја. По подготовките за востание против Отоманската империја, на 2 август 1903 година на православниот верски празник Св. Илија – Илинден започнало Востанието. Ова востание е познато како Илинденско, според денот на започнување. На почетокот на јануари 1903 година, Централниот комитет на ВМРО донел решение да се крене востание летото истата година, иако за тоа немало поволна внатрешна и надворешна ситуација во Македонија, особено што на решението се спротивставиле неколку угледни револуционери, меѓу кои најпознат бил Гоце Делчев. Сепак, востанието означувало нова фаза од развојот на македонското национално и ослободително движење. На 20 јули (по стар календар), од носно на 2 август 1903 година, на Илинден (по нов календар), почнало Илинденското востание во Македонија.

АСНОМ
Точно 41 година по Илинденското востание, во манастирот Св. Прохор Пчински во близина на Куманово 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија), на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на ДФ Југославија. Заседанието го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена, со зборовите: „Денеска е Вториот Илинден, последен Илинден на неслободна Македонија, се ставаат темелите на македонската држава“. Избран е Президиум на АСНОМ, во состав: Методија Андонов Ченто (претседател), Панко Брашнаров и Емануел Чучков (потпретседатели) и Љупчо Арсов и Владимир Полежиноски (секретари). Заседанието усвоило неколку документи со државнотворно значење – Решение за конституирање на АСНОМ како врховен законодавен и извршен претставнички орган на демократска Македонија, Решение за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларација за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија.

© Radio Bravo - Kumanovo