• Radio Bravo

  • Bravo Smooth Jazz

Младенци – празник на младоста и љубовта

Празникот на пролетта 22 март (9 март, стар стил) младите го празнуваат како свој ден, како ден на младоста, љубовта и убавината. Истиот ден Светата православна црква го празнува споменот на четириесетте војници од Севастија кои маченички загинале за Христовата вера. Во продолжение, слушнете го делот посветен за празнувањето на Младенци од серијалот „Враќање кон култот на нашите претци“.

mladenci 2

Во 320 година четириесет војници од еден полк во Севастија је одбиле наредбата да се поклонат пред римските идоли и да им принесат жртви. Кога изјавиле дека тоа го прават бидејќи веруваат во Исуса Христа најпрвин биле повикани кај градоначалникот и биле убедувани да се откажат од христијанството и да му се вратат на идолопоклонството, а кога тоа го одбиле биле затворени, мачени и изведени пред суд. Биле осудени цела ноќ да стојат во вода што смрзнува. Во близината имало бања со топла вода, а на војниците им било речено дека ако некој се премисли и се откаже од Исуса Христа да појде во бањата каде што го чекаат топла вода и вкусни гозби. Но момчињата храбро ги издржувале страдањата, молејќи се на Исуса и меѓусебно храбрејќи се. Само еден од нив не можејќи да издржи во водата што смрзнувала тајно го напуштил базенот и се упатил кон бањата, но на самиот влез во неа починал. Ноќта сите стражари заспале, само еден останал буден. Во еден момент тој забележал светли венци над главите на војниците и бидејќи бил христијанин веднаш влегол во водата молејќи го Бога и нему да му даде таков венец. И навистина набргу над сопствената глава забележал ист таков венец. Утрото измрзнатите војници ги натовариле на кола и ги одвеле надвор од градот каде што ги запалиле.

Денот на пролетната рамнодневница според многумина е вистински почеток на пролетта. Наголемениот ден во однос на оној во текот на зимата, посилното сонце, појавата на птиците преселници, враќањето на вегетацијата, во свеста на човекот создавале мислење дека е поминат критичниот период и дека во секој поглед доаѓаат поубави денови. Во таа смисла се и повеќе обичаи верувања поврзани со некои птици и растенија. Се мисли дека до овој празник денот е зголемен толку колку што може да скокне петел од прагот. Во врска со верувањето дека со овој ден започнува вистинската пролет е и обичајот да се јаде нешто зелено (зелен ручек) со што се означува сиромашкото лето, период во кој, како што се вели, не се умира за храна, зашто таа може и на трн да се најде. Некои со ова верување ја поврзуваат и пословицата: „Не умри магаре до зелена трева.“

Празникот на Светите 40 маченици, познат во народот и како Маченици но и Мучејнци, а најчесто како Младенци се држи како тежок празник и тогаш ништо не се работи. На овој ден се вели дека и пилците не правеле седело. Во Разлошко не смееле да фатат гребни, конци, игла или метла за да не гледаат змии. Сепак, во други краишта жените пред сонце ги метеле дворовите за да ги затече чисти сиромашкото лето. Особено жените внимаваат да не месат зашто во текот на летото ќе имаат многу стоногалки во ношвите и на другите места каде што се чуваат лебот и брашното. Во некои места, пак, иако на овој ден не се работи чинело да се калеми. Исто така, мажите прошетувале низ полето да ги видат посевите, да позавршат некои работи и да испијат за адет, 40 чаши ракија. Во Гевгелиско над вратите обесувале коприви, како растение кое ги одбива несреќите. Исто така, утрото луѓето каснувале лук и се намачкувале со него под мишките за да не се потат при работата и змиите да бегаат од нив.

© Radio Bravo - Kumanovo