• Radio Bravo

  • Bravo Smooth Jazz

Проблем во Вараждин, тешко до влезници

Спортски вести на Радио Браво, емитувани на 19-ти јануари во 12:20; 14:10; 16:40 и 19:10 часот.


Македонските ракометари се веќе во Вараджин, но македонската „фаланга” допрва треба да се пресели во овој град кој е околу деведесетина километри одалечен од Загреб. И тоа би можело да го донесе првиот посериозен проблем. Како нашите фанови, кои во Загреб беа во доста голем број (околу три илјади), ќе успеат да дојдат до место во салата во Вараждин која е со три пати помал капацитет од Арената во Загреб, односно собира околу 5.200 гледачи, што јасно е, ниту од далеку не ги задоволува барањата на нашите, но и на навивачите од Словенија, кои исто така се очекува да го окупираат Вараждин, особено откако нивната селекција ги надмина оние неправди во дуелот со Германија. Среќна околност за нашите фанови е и тоа дека во првата фаза одиграна во Вараждин играше селекцијата на Унгарија, и што голем дел од нивните навивачи по раната елиминација веќе се вратија дома.

А според информациите објавени на порталот ulaznice.hr има влезници за средбите во Вараждин. Најмногу влезници има за првиот меч против Шпанија. Има околу 500 влезници по цена од 300 куни (околу 2500 денари) и 500куни, односно (околу 4300 денари). Дел од влезниците се вратени од навивачите од Унгарија, па сега се прави прераспределба на влезниците така што следете ја ситуацијата на страницата за купување на билети за натпреварите на ЕП од втората рунда кои ќе се играат во Вараждин.
Македонските ракометари кои без пораз ја минаа првата фаза од Европскиот шампионат во Хрватска, повеќе од сигурно е дека ја заслужија првата ветена премија од страна на Ракометната федерација на Македонија. Пласманот во втората фаза на првенството значи и награда од 30.000 евра која ја вети РФМ, по одлуката на Управниот одбор донесена пред патувањето за Хрватска. Напомена: Сумите се однесуваат за целата екипа во која се ракометарите но и стручниот штаб. Грубо сметајќи, секој ракометар ќе добие по 1.000 евра.

Ракометарите на Хрватска, потешко од очекуваното, ја совладаа селекцијата на Белорусија во првото коло од втората фаза на Европското првенство во ракомет, што се игра во нивната држава. Тие стигнаа до победа од 25:23 во загребската Арена, со што најавија дека ќе продолжат во нивната борба за пласман во полуфиналето, иако им престои тежок пат до таму. Претходно, селекцијата на Норвешка славеше против Србија со 32:27. Со тој пораз Србија останува без поени во втората фаза, додека Норвешка се изедначи со Хрватска со 4 поени. По 4 поени во оваа група имаат и селекциите на Шведска и Франција, но и натпревар помалку.

Германија е најсериозен кандидат за организација на Европското првенство во 2024 година, откако веќе ја достави својата кандидатура и ќе се обиде првпат да ја добие довербата на ЕХФ. Иако беше неколку пати домаќин на Мундијал, а и следната година заедно со Данска ќе организира Светско првенство, Германија никогаш не била организатор на Европско првенство. Да потсетам дека Австрија, Норвешка и Шведска заеднички ќе го организираат Европското првенство во 2020 година, што е прв случај три земји да организираа големо натпреварување. Трите селекции имаат обезбеден директен пласман на натпреварувањето.

EHF EURO Live Show

© Radio Bravo - Kumanovo