• Radio Bravo

  • Bravo Smooth Jazz

Со старт од соништата, но без happy end

 


Спортски Вести на Радио Браво, емитувани на 25-ти јануари, 2018-та година во: 12:20; 14:10; 16:40 и 19:20 часот.

Во натпревар без поголемо резултатско значење, репрезентацијата на Македонија со одлично прво и голем пад во второто полувреме, загуби од Данска со 31-20. Селекторот Раул Гонзалес поголема минутажа им даде на помладите играчи. Нападот беше предводен од Филип Кузмановски и Дејан Манасков, а добро делуваше и одбраната. Данците најчесто водеа со еден разлика, најмногу со два, но на пауза се отиде со нерешен резултат 12-12. Сепак голем пад во играта на нашите репрезентативци се случи во вторите 30 минути, кога данците направија голема разлика за убедлив триумф и потврда на првото место во групата. Најефикасни во македонската селекција беа Филип Кузмановски со 6, Дејан Манасков и Стојанче Стоилов имаа по 4 реализации.

Македонија првенството во Хрватска го заврши со две победи над (Словенија и Црна Гора), одигра нерешено против се уште актуелниот европски шампион Германија, а поразите дојдоа од Шпанија, Чешка и Данска. Македонската репрезентација со три бодови кои беа пренесени од првата фаза по групи,  го освои шестото место во групата 2 од главната фаза.

Финалниот редослед на крајот од континенталниот собир се одредува според пласманот во групата од Главната фаза, како што стои во регулативите на ЕХФ. Македонија го освои шестото место во Групата 2 а со оглед дека има подобро бодовно салдо од шестопласираната Србија во Групата 1 на крајот од шампионатот ќе биде рангирана на 11-та. позиција на ЕП. Иако Белорусија има помалку бодови од Македонија ќе го освои 10-то. место, бидејќи заврши на петата позиција во Групата 1.

Во сабота е закажана ждрепката за баражот за Светското првенство во 2019 година. Македонија се наоѓа во првиот шешир на носители заедно со Белорусија, Хрватска, Чешка, Исланд, Норвешка, Словенија, Србија и Шведска или Шпанија, додека на списокот на тимовите коишто можат да бидат ривали на Македонија се: Австрија, БиХ, Унгарија, Литванија, Црна Гора, Холандија, Португалија, Романија и Русија. Засега пласман на СП обезбедија: Данска и Германија како домаќини, Франција која ќе ја брани титулата, како и Бахреин, Катар, Јужна Кореја и Саудиска Арабија, сите како полуфиналисти на првенството на Азија. Место на СП ќе обезбеди и идниот шампион на Европа, а доколку тоа биде селекција која веќе обезбедила пласман – ќе оди следнопласираната. Од Европа на СП ќе одат и осум други репрезентации, кои ќе обезбедат настап преку баражот.

Со одигрувањето на сите натпревари од втората фаза на Европското првенство во Хрватска, познати се и полуфиналните двојки на континенталниот собир. Франција славеше над домаќинот Хрватска и како првопласирана обезбеди место во полуфиналето  каде ќе игра против Шпанија, која го доби директниот дуел со Германија за полуфинале. Втората двојка ја формираа скандинавските земји, Данска и Шведска. Данците доминираа во групата во која беше и Македонија и одат во наредната фаза како лидери, додека Шведска оди како второпласирана во другата група. Во мечот за петтото место ќе играат домаќинот Хрватска и репрезентацијата на Чешка. Полуфиналињата и натпреварот за петтото место се играат в петок, додека големото финале и мечот за третото место се в недела.


© Radio Bravo - Kumanovo