• Radio Bravo

  • Bravo Smooth Jazz

Велики Четврток

Православните христијани во недела го прославуваат Христовото Воскресение – Велигден, најголемиот христијански празник, празник на победата над смртта, ден кога Исус Христус ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите.
Велигден почнува на Велики четврток уште пред изгрејсонце кога домаќимките ги бојадисуваат првите три црвени велигденски јајца. Оваа црковна традиција почнува од првиот век кога првите христијани почнале да бојадисуваат јајца и да ги подаруваат на Велигден, поздравувајќи се со Христос Воскресе, на што отпоздравувале Вистина Воскресе!
Црвената боја ја претставува божјата сила и моќ, а ја симболизира и христовата крв, која Исус ја пролеал на крстот за спасение на сите луѓе на земјата. Така, бојата на јајцето не потсетува на крвта христова и спасението.

Велики Четврток е последен четврток во Велигденскиот пост. За овој ден се сврзани доста обичаи, а некои од нив ги изведува и црквата. Утрото на Велики Четврток во црквата се празнува со мала утринска и редовна литургија како спомен на тајно свето причестување на Тајна вечера. Вечерта се одржува и Големо бдение кога старите жени остануваат да преноќат. Тој ден во црквата се заврзуваат ѕвона и настапува тишина. Така што во црквата наместо ѕвона се огласуваат дрвени “клепала”, а ѕвоната се огласуваат дури на денот на Воскреснување.

Постои обичај на боење јајца рано наутро пред изгрејсонце. Инаку самиот обичај несомнено е многу стар и е познат кај другите народи христијански во Европа, па и пошироко во светот, како кај православните и католиците. За тоа дека обичајот е доста стар сведочат остатоците на обоени лушпи од јајца најдени во некои стари откопани германски гробови, како и во гробовите на Скандинавија и кај Словенците. Многу од боените јајца на некои словенски народи во техниката и орнаментиката доста се совпаѓаат со што укажува на тоа дека потеклото им е заедничко од доба на прасловенска заедница. Обичајот боење јајца е пренесен од култот на мртвите, бидејќи уште многу одамна јајцата се вапцувале во црвена боја во знак на култот на предците со што тој обичај подоцна е пренесен за Велигден. Во тој поглед Христијанството со својата догматика околу Христовото воскреснување и општо воскреснување на мртвите е преземено од паганството таа симболика на боење на јајцата и е сврзана особено за Велигден, најголемиот Христијански празник. Обичајот боење јајца настанал како спомен на збиднувања кога Христос го воделе да го распнат на крст за кој постојат доста легенди. Додека го носеле на крст народот го мавал со камења кои потоа се претворале во јајца. Боеното јајце многу доцна продрело во Христијанскиот култ, бидејќи најстарите вести датираат од XII век, а во западна Европа дури во ХIV век.

Јајцата воопшто имаат големо значење во религијата, митологијата и магијата. Јајцата воопшто се сметаат за симбол на животот. Особено на велигденските јајца им се припишуваат голема магиска моќ, симбол на плодност, симбол на здравје и секако апотропејска моќ. Боење на велигденски јајца имаат доста важна улога во култот на мртвите.

Јајцата ги боеле со природни бои добиени со варењето на одредени растенија, кори од дрва. Ги шарале со туткал, или со восок, а во денешни услови со анилински бои. Првото обено јајце обично црвено се чува за заштита од болест, и заштита на куќата од секакви зла. Второто, третото, четвртото, се закопуваат в земја во бавчите, лозјата за заштита од град и други непогодби. Се подготвуваат велигденски погачи со јајца в средина се прават најразновидни слатки, јадења. Утредента е Велики Петок во народот доста значаен празник во кој е собрана сета тага и бол бидејќи според народната традиција тој ден е распнат Исус Христос.

© Radio Bravo - Kumanovo