• Radio Bravo

  • Bravo Smooth Jazz

Хуманитарен настан на Мартија и Жито Лукс

Емитувано во Вести на Радио Браво (секој час од 08 до 19 часот) на 4-ти ноември, 2016-та година.

martija-zito-luks

Мартија Станојковиќ и талентирани деца од градот ќе пеат и сликаат оваа сабота со почеток во 13 часот, на плоштадот во Куманово, и со тоа ќе ја дадат својата поддршка за добротворната акција на Жито Лукс за опремување на детскиот оддел од Општата болница во Куманово.

Под мотото „Растеме со вашата поддршка – Донирајте за иднината!“, Жито Лукс со поддржувачите на кампањата, помага во купување опрема и уредување на детскиот оддел. Од секој купен производ на Жито Лукс се одвојуваат средства за обезбедување на што подобри услови за престој и заздравување во детските болнички оддели.

Покрај настапот на Мартија, која ја даде својата безрезервна поддршка за акцијата, во текот на настанот младите уметници од Куманово ќe цртаат и нивните цртежи ќе го разубават детскиот оддел. За посетителите на настанот, компанијата Жито Лукс подготви и подароци.

Кампањата во Куманово започна во септември и од средствата кои беа собрани во претходниот период е реализиран првиот дел од донацијата, кога беа донирани ЕКГ апарат, аспиратор, инхалатори, медицинска опрема и инвентар, неопходни за потребите на одделението и создавање на попријатни услови за престој на дечињата. До крајот на акцијата Жито Лукс планира да набави дополнителна неопходна опрема за полесно функционирање на одделението.

© Radio Bravo - Kumanovo