• Radio Bravo

  • Bravo Smooth Jazz

Анита Цветановска, директор на Музеј Куманово

Денеска во Радио Браво гостуваше директорката на НУ Музеј Куманово, Анита Цветановска. Во разговорот, таа ги најави многубројните проекти од областа на археологијата, етнологијата, конзервацијата и ликовната уметност кои ги реалира или ќе ги реализира оваа национална установа.

Од проекти од областа на археологијата актуелни се: Кокино и Градиште Младо Нагоричане, потоа Црквиште, Визијана Клечовце како и Костоперска Карпа. Со новиот проект за развој, Кокино ќе израсне во туристичка дестинација, атрактивна за странските туристи. Проектот за развој на Кокино вклучува нова интернет страница и видеозапис за локалитетот, како и аудиоводич во форма на мобилна апликација, поставување на патокази, реновирање на информативни табли, поставување на заштитни прегради за ранливите делови од опсерваторијата и оградување на локалитетот. Археолози од Единбург и Оксфорд, заедно со нашите архелози во март ќе вршат истражувања на микрорегионот околу Костопреска карпа, по што во октомври, ќе се изврши презентацијата и промоцијата на локалитетот во Саутемптон. Во јуни ќе се одржи меѓународен археолошко-астрономски научен симпозиум во Археолошкиот музеј во Скопје на тема Кокино –Тврдина на Сонцето на кој ќе присуствуваат еминенти претставници од археологијата и астрономијата, а на локалитетот е предвидено и одржување манифестација со изведување ритуали и музчка програма токму на денот кога Сонцето изгрева на означениот маркер. Музејот ќе реализира и две изложби посветени на Кокино. Едната ќе биде поставена во Археолошкиот Музеј во Скопје, а втората, амбиентално во кумановскиот музеј.

Музејот ќе го истражува и творештвото на зографот Петар Николов, ќе продолжи втората фаза на конзервација на иконите во црквата Свети Никола, а добиени се и средства за конзервација на артефактите пронајдени на локалитетот Кокино. Музејот веќе почнал со подготовките за комплетна реконструкција на спомен куќата на народниот херој Христијан Тодоровски Карпош, а ќе се спроведе и истражувачка дејност за Првата седница на Президиумот на АСНОМ во селото Рамно.

Музејот Куманово е активен и со свои проекти од областа на етнологијата во чии рамки се организира и проекција на два етно-филма во продукција на установата. Исто така, Музеј Куманово свое прикажување од повеќе дејности ќе има и во меѓународни рамки во повеќе градови ширум светот.

© Radio Bravo - Kumanovo