• Radio Bravo

  • Bravo Smooth Jazz

Франција прва, Македонија 15-та во светот

Бошко Тасиќ, кој од лице место го следеше Светското ракометно првенство во Франција, во студиото на Радио Браво го дава завршниот коментар за настанот кој Радио Браво во своите Спортски Вести интензивно го следеше.

Франција ја одбрани титулата светски ракометен првак за мажи и по шести пат се закити со мундијалското злато, откако во финалето, вчеравечер, во салата „Берси“ во Париз, ја победи Норвешка со 33:26 (18:17). „Галските петли“ досега владееја со светскиот ракомет во 1995, 2001, 2009, 2011 и на последното СП во Катар, во 2015 година. Норвежаните се закитија со сребро во своето прво финале на светските првенства, бидејќи не успеаја да го издржат притисокот во второто полувреме, иако во првиот дел водеа и со три гола разлика (10:7 и 14:11). Бронзата ја освои Словенија, која во саботата, во драматичниот дуел против Хрватска, славеше дури по продолженијата со 31:30, иако „коцкестите“ имаа и осум гола предност. Најефикасен во финалниот натпревар беше Никола Карабатиќ со шест гола, а пресвртот почна со влегувањето во игра на голманот на „триколорите“ Венсан Жерар.

Македонија го освои 15 место на ова СП, откако го заврши својот настап во осмина-финалето, каде што беше елиминирана токму од Норвешка со 24:34. Претходно, во групната фаза оствари две победи, против Тунис (34:30) и Ангола (31:22), едно реми – против Исланд (27:27) и два пораза – против Шпанија (25:29) и Словенија (22:29). Капитенот на македонската репрезентација Кирил Лазаров по вторпат е најдобар стрелец на едно светско првенство. Тој постигна 50 гола на шест натпревари, пред Авелино Лопес од Ангола со 47, Амин Банур од Тунис и Кристијан Бјорнсен од Норвешка со по 45 гола. Лазаров е и голгетер-рекордер на мундијалите. На СП во Хрватска пред осум години, постигна 92 гола. Македонската судиска двојка Ѓорѓи Начевски – Славе Николов, иако беше во конкуренција да го суди големото финале, отпадна во последен момент со данскиот двоец Мартин Гјединг и Мадс Хансен. И покрај ефикасноста, македонскиот бек не влезе во идеалниот состав. Него го сочинуваат: Венсан Жерар (Франција, голман), Џери Толбринг (Шведска, лево крило), Сандер Сагосен (лев бек, Норвешка), Домагој Дувњак (Хрватска, среден бек), Недим Ремили (Франција, десен бек), Кристијан Бјорнсен (Норвешка, десно крило), Бјарте Мирхол (Норвешка, пивот). Французинот Никола Карабатиќ е прогласен за најкорисен играч на СП.

Домаќини на наредното СП 2019 се Данска и Германија

© Radio Bravo - Kumanovo