• Radio Bravo

  • Bravo Smooth Jazz

Знамиња на промени


Одбележувањето на 100-годишнината од државноста на Албанија ќе кулминира на 28 ноевмври но, уште сега атмосферата во јавноста ја подгреваат акциите за поставување албански знамиња низ неколку града и села во Македонија. Како и споменикот во Радуша и отворениот музеј на ОНА во Слупчане. Аналитичари коментираат дека тоа е предимензионирано, од владејачката ДУИ велат ова не е провокација, странски експерти апелираат на претпазливост од сите актери.
Анализа на Душко Арсовски
Знамиња на промени
[audio:http://radiobravo.com.mk/wp-content/uploads/Diversity-Znaminja.mp3|titles=Знамиња на промени]

Дали употребата на знаме на туѓа држава, за кое македонските Албанци велат дека е нивен национален симбол, е претерано? И какви ефекти имаат вакви активности во постконфликтна Македонија?

Професорот на Универзитетот во Гетеборг и експерт за помирување, Мајкл Шулц дава свое објаснување.

„Кога го потенцирате вашиот идентитет, без разлика дали е албански или некој друг, важно е да покажете и дека сте дел и од идентитетот на општеството во кое живеете. Можете да покажете дека сте блиски со вашите браќа и сестри од други држави, но, не со тоа да ги провоцирате другите етнички заедници“

Политичкиот аналитичар Сефер Тахири оценува дека, без ралика на начинот на кој се манифестира сакањето на нацијата или етникумот, треба да има некои други институционални или политички механизми како да се гради сожителството.

„Ваквиот начин на манифестирање на 100-годишнината на албанската државност можеби е еден вид реакција на тоа што се случува со етноцентричните проекти на Владата и се манифестира фактот дека и етничките Албанци имаат свои елементи на идентитет и тие можат да ги истакнуваат во Република Македонија“

Мерење

Тахири е дециден дека граѓаните можат да го изразуваат своето чувство и на ваков начин но, политиката да се занимава со реалните проблеми.

„Сè додека Албанците и Македонците се натпреваруваат со големините и ширините на знамињата, перспективите, економскиот развој, развојот на образованието, здравството нема да оди во вистинска насока, бидејќи ние многу енергија трошиме на празни, на еуфорични, на фолклорно-патриотски мотивации“

Професорката Билјана Ванковска која редовно ги анализира политичко- безбедносните прашања деновиве на својот Фејсбук профил беше критична за последните случувања.

„ Нека најдат некој албански аналитичар кој на Албанците ќе им објасни, на нивен мајчин јзик, дека не постои нешто што се вика етничка химна и етничко знаме, бидејќи тие се по дефиниција државни симболи! И тоа ли е тешко да го направиме за заедничката држава Македонија, која сите велиме дека ја сакаме?? Секако, предизборни оцртувања на територии допрва следуваат “

Но, за Шулц не е проблем користењето на симболи на друга држава и побитна е содржина отколку формата.

„Албанските лидери треба да потенцираат дека се чувствуваат како дел од Македонија. Лидерите Македонци треба да истакнуваат дека малцинството само ги изразува идентентификацијата, а тоа е дел од мулти-културна Македонија. Како и да е, кога имаме историски конфликти, вакви настани почесто подгреваат тензии. Многу е полесно да зборуваме за „нас“ и за „нив“ отколку за сите граѓани со измешан идентитет“

Симболи, симболика

Ова на некој начин се чита од последната изјава на портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.

„Мораме да се навикнеме дека албанското знаме не е провокација, туку е дел кој го симболизира 25 или повеќе проценти од Републлика Македонија и тие предрасуди треба да ги тргнеме еднаш засекогаш. Доколку ги почитувате нашите симболи ние ќе ги почитуваме вашите симболи“

Веењето знамиња се најде и на последната собраниска седница кога опозиционерот Гордан Георгиев му се обрати и доби одговор од Премиерот Никола Груевски.

„Вас и Али Ахмети сè повеќе ве перцепираат како мали деца кои си играат со оган. Стопати досега најдобронамерно апелиравме до вас дека е најлесно да се разгоруваат меѓуетничките тензии. Многу е лесно краткорочно да се собираат политички поени на оваа тема, но долгорочно ефектите се погубни за Македонија и за нашата стабилност“

Груевски на тоа пак, одговори:

„Не е точно дека ние креираме некакви тензии, како што велите, намерно или со некаква умисла, бидејќи живееме во држава во која има повеќе етнички заедници и повремено се случуваат вакви настани и за кои секогаш се обидуваме низ дијалог да најдеме решение за нивно надминување“

Зошто поставување симболи на Албанија предизвикува реакција кај етничките Македонци? Свој одговор дава Ванковска преку социјалните мрежи.

„Од аспект на Македонците не би рекла дека се манифестира омраза, туку чувство на неправда. Постојат и елементи на страв дека Албанците од Македонија повеќе покажуваат емоции и припадност кон странска држава, отколку што како своја ја доживуваат републиката во која живеат и во која според Уставот имаат посебна положба како заедница, со посебни права во однос на сите останати немнозински заедници. Во прославата, која трае цела година, а наскоро ќе кулминира, Албанците ја истакнуваат својата посебност и припадност. И тоа секако подразбира национал-романтизам во смисла на припаѓање на она што се вика “замислена татковина”ˮ

Во теоријата пишува дека за постконфликтно помирување, меѓу другото, битно е да се каже вистината. Во случајот со Македонија, вистината обично доаѓа без ниеден збор, па на граѓаните им останува сами да ја најдат во некој погрешен потег на политичарите.

© Radio Bravo - Kumanovo