На 29 мај, во организација на Фото-кино клуб „Козјак“, ќе се одржи првото издание на Меѓународниот фестивал за краток филм „Филмај“. Повеќе за Фестивалот, од разговорот со Драган Денковски, член на жирито и почесен член на Фото-кино клуб „Козјак“.
За овој фестивал на краток филм, изненадувачки како за прв пат на отворениот конкурс се пријавиле 45 остварувања на творци од осум држави – САД, Турција, Холандија, Германија, Грција, Бугарија, Србија и од нашата земја.Жири комисијата во состав: Драган Денковски, Ивица Димитријевиќ, актер и режисер и Мартин Иванов, режисер и монтажер, од вкупниот број пријавени филмови одлучиле наградите да им припаднат на неколкумина творци. Така признанието „Лазар Ѓорѓевиќ“ за најдобра режија ќе му биде доделено на Ото Ројшел за веќе славениот „Риски“, наградата „Радислав Ристевски“ за најдобра кинематографија ќе оди кај Росен Савков од Бугарија за неговиот филм „Тими“, а плакетата „Козјак“ за најдобро сценарио и припадна на нашата Лидија Мојсоска за нејзиното дело „Награда“. Згора на ова дополнителни дипломи како посебни признанија за стореното во нивните кратки филмови жири комисијата одлучила да им додели на: „Хакие – Хаки: Живеејќи како маж“ на Анабела Ангеловска, „Запирка“ на Сезер Салихи, „Мишко“ на Ханис Багашов и „Заб“ на Ајдин Ислами.
А за љубителите на фотографијата, повик за присуство на отворањето на клупската изложба на уметничка фотографија „Мајски салон 2019“ на членовите на Фото-кино клубот „Козјак“. Настанот ќе започне во истиот термин, 20 часот, но во четврток, 30-ти мај и на друга локација, НУЦК „Трајко Прокопиев“ Куманово.
Се гледаме!