„Drim Short“ и „Art Mania“ во соработка со НУЦК ,,Трајко Прокопиев”- Куманово на 3 мај (петок) организираат вечер на кратки македонски филмови на млади режисери. На програмата се филмовите „Иднината е наша“ на режисерот Андреј Георгиев, „Заб“ на Ајдин Ислами, потоа „Награда“ од Лидија Мојсовска, „Ќе дојдат децата“ од Ана Јакимска и „Црно и бело“ во режија на Сандра Ѓоргиева. Влезот за проекциите е 100 денари, а за ученици 50 денари.Проекциите започнуваат во 20 часот, во НУЦК Трајко Прокопиев.
Подолу, можете да го слушнете разговорот со дел од организаторите на настанот: Лидија Мојсоска од Здружението за култура и уметност Арт-Манија и Владимир Христов од ЗПРУ Кибер панк.
,,Денес во светот краткиот филм станува се повеќе актуелен бидејќи ја има моќта во еден здив да пренесе уникатни приказни и силни пораки.” велат организаторите.
Кратките филмови во оваа програма се во режија на млади македонски режисери и обработуваат теми од нашето секојдневие. Некои од нив важните прашања од животот ги засладуваат со доза хумор, други те оставаат со горчлива емоција или пак ќе те натераат да заиграш во место. Исто така организаторите велат дека нивната цел е што повеќе да ја афирмираат кратката филмска форма кај нас, а со тоа да се промовираат младите автори и да се врати кино програмата во градовите каде изумрела. Освен тоа додадена вредност на програмата е нејзиниот едукативен карактер што произлегува од самите пораки со кои филмовите ги заокружуваат своите приказни.
За престојниот период организаторите најавуваат и други активности од различни области со кои ќе ја зајакнат културната понуда во градовите низ Македонија.