• Radio Bravo

  • Bravo Smooth Jazz

Граѓаните на потег, хуманитарен концерт на 3-ти јануари

На 3-ти јануари во Yard Lounge Bar со почеток во 20 часот, во организација на Хуманитарна организација „Крепост“ потпомогнати од повеќемина хуманитарни правни и физички лица, ќе се одржи хуманитарен концерт за децата со пречки во развојот од Куманово. Повеќе за целите и конкретната намена на средствата соберени на овој хуманитарен настан, од разговорот со Марко Андевски од  „Крепост“ и Тино Шаботиќ, дефектолог во ООУ „Браќа Миладиновци“.


На самиот настан учество ќе земат голем број уметници од Куманово со нивна донација на уметнички слики, како и Милош Димковски, познат како Евгениј Хоуп, со донација на неговата книга. Покрај нив, за музичката програма ќе се погрижат и Филип Стевановски Бенд, групите Бионда и Трета Смена, поп пејачката Александра Јанева и Слободан Кузмановски.


Средствата соберени од донаторската акција во Yard Lounge Bar кој пак како еден од организаторите се откажа од приходот од хуманитарниот настан, ќе бидат донирани во ООУ „Браќа Миладиновци“ за изградба на т.н. сензорна соба. Сензорна соба, колку за кратка информација, претставува соба за сензорна интеграција и стимулација за подобрување на сензорните способности и функции кај децата со посебни потреби. Третманите кои се изведуваат во оваа соба ќе влијаат на подобрување на размислувањето, смиреноста како и концетрацијата кај децата, посебно кај оние со АДХД и аутизам. Според плановите на дефектолозите вработени во Училиштето, Тино Шаботиќ и Наташа Ѓорѓевиќ, собата ќе содржи тактилни елементи, играчки и помагала како и сензорна туба која ќе биде поставена пред огледало за да прикажува 3Д ефект, потоа сензорни, односно светлечки влакна, помагала како што се трамполина, твистери, детски тунели и душеци.. Собата ќе биде затемната а во неа ќе се пуштаат визуелно стимулативни светилки како и диско топка. Исто така, собата ќе биде опремена и со релаксатори, масажери, лејзи бег, пилатес и топки за извршување на одредени вежби и активности. Според планот, сензорната соба во  ООУ „Браќа Миладиновци“ за која што се и организира концертот, ќе биде отворена најдоцна во април, следната 2019-та година.

© Radio Bravo - Kumanovo