• Radio Bravo

  • Bravo Smooth Jazz

Радосављевиќ и Трендафиловски со изложба во Куманово

Замислен како несекојдневен настан што треба да го разбуди вниманието на кумановската културна јавност, „Лет и пев“ беше приказна сочинета од изложба на слики и цртежи преку која беа претставена актуелната ликовна продукција на уметниците Наташа Радосављевиќ – Нара од соседна Србија и нашиот Мирослав Трендафиловски – Мики. Згора на тоа сето тоа беше надополнето со избор од литературното творештво на гостинката од Белград. За жал, во студиот на Радио Браво ја немаме Наташа Радосављевиќ – Нара која ја очекуваме во следното доаѓање во Куманово, а во продолжение го слушаме Мирослав Трендафиловски – Мики.


Мирослав Трендафиловски – Мики: „Концепциски во начинот на работа ние сме различни иако понудата главно ја чинат портрети. И јас настапувам со нив меѓутоа на свој начин кој е веќе препознаен и познат на јавноста. Имам и дел со цртежи каде ја претставувам старата кумановска архитектура, а Нара од друга страна настапува со пејсажи. Од таму се стори една веруваме убава тематска целина која се надеваме ќе биде интересна за публиката. Јас имам и една слика насловена како „Драгост“ која е директно инспирирана од поезијата на Радосављевиќ“.


Мирослав Трендафиловски – Мики е роден во Куманово кадешто живее и работи како самостоен уметник. Има учествувано на повеќе групни поставки, проекти и ликовни колонии, а зад себе има 25 самостојни изложби во земјата и странство. Неговиот специфичен ликовен израз граден на повеќе децениско искуство говори за неговиот зрел сликарски пристап, творечка инвенција и авторски идентитет.

Наташа Радосављевиќ – Нара е родена во Јагодина, завршила колеџ за ликовна и применета уметност во Белград кадешто денес живее и работи. Освен делувањето во областа на ликовната уметност се занимава и со пишување на поезија. Зад себе досега има дваесетина самостојни изложби и учества на повеќе групни ликовни поставки, проекти и ликовни колонии. За своето творештво добитничка е на повеќе награди и признанија и член е на неколку тамошни ликовни асоцијации. Има објавено три книги поезија и член е на Здружението на српските писатели. За своето творештво знае да каже дека е „испреплетена сликарско-поетска содржина, претставена со нејзиниот специфичен авторски сензибилитет нудејќи и на публиката едно свое видување на светот денес“.

© Radio Bravo - Kumanovo