• Bravo 88.5 FM

  • Bravo-Blues&Jazz

Manic Street Preachers – Resistance Is Futile (Албум на неделата)

Добредојдовте во уште едно издание на Албум на неделата, во оваа како и во секое изминато ке преслушаме еден албум, кој по правило е нов и некои песни премиерно ке бидат пуштени во етерот. Денес следните половина или малку повеќе од половина час ке ги посветиме на најновото, 13-то по ред студиско дело на омилените музички активисти од Велс – групата  Manic Street Preachers под име Resistance Is Futile или на македонски Отпорот е залуден. Но најпрвин кратко за нив, Manic Street Preachers се формирани во далечната 1986 година во Blackwood, од James Dean Bradfield кој пее и свири гитара, Nicky Wire на бас гитара и Sean Moore на тапани, подоцна им се придружува и гитаристот Richey Edwards, нивниот прв сингл беше “Suicide Alley”, а првиот албум се викаше Generation Terrorists. Со годините излегуваа следните албуми во кои сеуште ги немаат исцрпено сите теми поврзани со материјализмот, површноста, осаменоста, капитализмот, фашизмот и отуѓеноста. И се така до 13-тиот албум Resistance Is Futile кој е наша денешна тема.


Дека албумот Resistance Is Futile на Manic Street Preachers не е само обична збирка на 12 песни кои се објавени само затоа што од претходниот албум изминаа скоро 4 години, докажуваат големиот број на песни посветени на разни инспиративни личности со што во прв план се дава признание на тие луѓе и хуманизмот на авторите. Така нумерата Vivian зборува за осамената негувателка и хоби фотограф Vivian Maierчии street фотографии јавноста ги виде и станаа светски популарни дури по нејзината смрт – песна која беше премиера хит на Радио Браво на 19-ти април 2018-та .Па потоа дуетот “Dylan & Caitlin”, настанат во соработка соThe Anchoress односно Catherine Anne Davis, приказна за турбулентната врска помеѓу поетот Dylan Thomas и неговата жена Caitlin, композиција која слободно може да се мери со нивната  “Your Love AloneIs Not Enough” од 2007, и секако “In Eternity”, нумера која ке ја слушнеме во продолжение и која суптилно му одава почест на големиот David Bowie.


Наша тема во Album of the week оваа седмица е 13-тиот по ред студиски албум на групата Manic Street Preachers под име Resistance Is Futile. Албум кој официјално се појави на пазарот на 13-ти април 2018-та година под етикетата на издавачката куќа Columbia Records и со појавувањето се искачи на 2-то место на Британската листа на албуми. Но пред официјалното излегување претходеа најавните синглови, првиот под име International Blue се појави уште на 8 декември од 2017-тата, а на Радио Браво беше Премира хит на 9-ти јануари 2018-тата. Тоа е една хитоидна нумера која му одава признание на уметникот Yves Klein и ултрамарин сината боја, на таа интензивна и матирана длабока сина боја која тој ја користел во својата монохроматска серија од слики. За одбележување е масивниот риф која ја носи целата композиција која пак стига некаде до квалитетот на култната  “Motorcycle Emptiness” и дефинитивно во вакви песни како International Blue веднаш се чувствува ентузијазмот за творењето и покрај многуте изминати години.


По преслушување на целиот материјал на албумот Resistance Is Futile на Manic Street Preachers остануваат помалку подвоени или различни чувства. Онаа вечна побуна против конвенционалните стереотипи, поради кои одново и одново им се враќаме на Manics-и,
обвиена со убава мелодиска структура е тука, но освен неколкуте навистина моќни синглови, средината на албумот е премногу разводенета за да се добие желбата повторно да се слушне. Оние кои во текот на 90-тите обожаваа да ги слушаат “Generation Terrorists”, “The Holy Bible” и “Everything Must Go”, чии годиниод младоста наместо Woodstock или Live Aid, ги одбележа терористичкиот напад на САД во 2001-та и се што следеше после тоа – чувството на страв, несигурност и неизвесност, таканаречената генерација Y, сега им останаа само убавите и утешни мелодии на проповедниците од Велс со понекое интересно текстуално решение. Навистина штета, ако го земеме во предвид минатото експериментално и сестрано дело Futurology, но сепак имам чувство дека Manic Street Preachers се уште не се за отпишување и нема да се препуштат на малодушноста против која се борат.

© Radio Bravo - Kumanovo